Македонија

Објавен повикот за технолошки развој за брзо приспособување

29 May 2020

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) објави јавен повик за технолошки развој за брзо приспособување на Ковид-19, наменета за микро, мали и средни компании.

Како што соопштуваат од ФИТР, со јавниот повик почнува и практичната реализација на третиот сет мерки за поддршка на економијата на Владата.

Со овој, развоен пристап кон економијата, нудиме квалитет повеќе во напорите за зачувување на работните места, но и за нивно зголемување во следниот период. Воведуваме иновативен механизам на финансирање, преку доделување на средства на конкурентна основа, со однапред познати критериуми и поврат од остварените финансиски резултати, но не по цена на опстанок на компаниите и работните места. Ние сме развоен партнер на компаниите и работниците, изјави Јован Деспотовски, директор на ФИТР.

Иницијалниот буџет на јавниот повик е 200 милиони денари. Финансиската поддршка е структурирана по големина на компанијата и тоа до 750.000 илјади денари за микро, 1,5 милиони денари за мали и до 3 милиони денари за компании со средна големина и не може да надмине 70% од вкупниот буџет на инвестицијата. Другите 30% се средства што ги обезбедуваат компаниите. Средствата може да се наменат за инвестиции во дигитализација и ИТ-системи, реорганизација на работата, унапредување на производите и услугите, набавка на опрема, како и заштитни мерки за работниците. Со мерката се опфатени компании што во последните две години од работењето немаат регистрирано загуба, освен стартап-компании до три години постоење, кои се изземени од овој услов. Оваа развојна мерка е подготвена во соработка со Светската банка.

Новина во повикот се и критериумите за оценување, во делот на поттикнување на учество на компании со жени во управувачката, односно сопственичката структура. Исто така, посебен систем за бодување е предвиден за компании што доаѓаат од помалку развиените плански региони, кои ќе имаат и предност при селекцијата.

Рокот за аплицирање е скратен и приспособен кон целта на мерката – брза поддршка за брз пораст. Аплицирањето ќе трае до 29 јуни, а Фондот ќе ги обезбеди сите потребни документи за апликантите поврзани со институции до кои има пристап (нa пример, Централен регистар).

Проектите ќе бидат оценувани во фаза на претселекција од стручни лица, домашни експерти, а конечната одлука ја носи Комитетот за одобрување на инвестиции составен од петмина странски експерти. Користењето на средствата од Фондот, како и досега, ќе биде предмет на следење од реномирани странски ревизорски куќи, ангажирани од страна на Фондот.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...