Македонија

Комората на сметководители бара меѓуинституционална координација

12 May 2020

Cметководителите со сите свои ресурси се залагаат да се овозможи претпријатијата да можат максимално да ги искористат мерките за поддршка, да може да функционираат и да не банкротираат поради неликвидност.

Недостига меѓуинституционална координација и комуникација поради ненавремено објавени обрасци, доцна ажуриран софтвер и пласирање на нетестирани системски решенија. Тоа паѓа на грб на сметководителите, кои се принудени да ги вршат тие активности неуспешно по повеќепати, до конечно поднесување, соопштуваат од Комората на сметководители на Македонија.

Додаваат дека сметководителите по двапати поднесуваат барања за помош, пресметки за плата и слично, со што се губи време, наместо да се врши друга продуктивна работа и да се прават пресметки. Предизвиците со кои се соочуваат сметководителите во секојдневното работење во услови на пандемија се бројни. На пример, барањето за финансиска поддршка на самостојните вршители на дејност е поставено на веб-страницата на УЈП на 4 мај, а крајниот рок за поднесување е до 5 мај. Новиот клиентски софтвер МПИН за наплата на придонеси беше подготвен на 11 мај, а крајниот рок за поднесување е до истиот датум. Бројните барања за финансиска помош за претпријатијата од 14.500 денари за април и барањата за субвенција на 50% од придонесите што се поднесени, се одбиени без причина поради системски грешки во е-даноците.

При носењето на мерките, Министерството за финансии не ги зема предвид ограничените ресурси на другите институции и не ги комуницира и координира активностите. Целиот товар на комуникација со стопанството е на грбот на сметководителите, бидејќи роковите на објава и крајните рокови за поднесување е многу тешко да се постигнат, вели Александра Андреева од Комората на сметководители на Македонија.

Сметководителите сметаат дека се потребни брзи, ефикасни и ефективни решенија наместо прекомплицирани процедури, како и неспремен систем кој не врши соодветна валидација на податоците.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...