Купувачите во маркетите „Монтенегро“ отсега можат своите производи да ги нарачуваат и на онлајн супермаркетот е-супермаркет.мк
Како што соопштија од компанијата „Монтенегро“ идејата за онлајн супермаркет произлезе од новонастанатата ситуација и мерките за ограничување на движењето.
Влеговме во овој проект за да им излеземе во пресрет на нашите купувачи и купувањето да им го направиме полесно и побезбедно. Ние како компанија континуирано се грижиме за нашите купувачи и даваме сè од себе да ги услужиме побрзо и поефикасно. Доколку има интерес планираме да продолжиме со онлајн-супермаркетот и да се усовршиме во полето на онлајн-продажбата, изјави за InStore Магдалена Пејчиноска, од секторот за маркетинг во „Монтенегро“.
Во поглед на доставата, засега планираат да останат на територијата на Гостивар и околните села, и планот им е да продолжат да функционираат локално.
Потрошувачите ќе можат да направат нарачка со минимален износ од 900 денари. За нарачките направени пред 15:00 часот доставата ќе биде направена истиот ден, во интервал од 2 до 3 часа. Онлајн-супермаркетот нуди и можност за подигнување на претходно направени нарачки.
Засега, најголем интерес имаме за домашна достава, а за таа да функционира беспрекорно направивме специјален тим кој се фокусира на процесирање, спремање и доставување на онлајн нарачките. Нарачките се примаат централно во магацин и веднаш штом нарачката е примена таа се процесира и се спрема од страна на дежурниот тим. Доставата е организирана така што имаме на располагање двајца шофери кои се специјализирани за локална достава во Гостивар и околината, објасни Пејчиноска.
Пејчиноска потврди дека ќе продолжат како компанија да ги следат трендовите: како компанија која се стремиме кон иновација и следење на трендовите планираме да се усовршиме на ова поле и да им понудиме на нашите купувачи најдобра услуга на онлајн-купување во градот. Планираме дополнително да ја надоградуваме онлајн-страницата со поголем асортиман на производи и опции, додаде таа.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.