Македонија

InStore со дистрибутерите: Има опасност да се појават производи со поминат рок

08 Apr 2020

Од денеска, според новите порестриктивни мерки донесени од Владата, одредено е подолго времетраење на полицискиот час. Како тоа ќе се одрази врз работењето на дистрибутерите, разговаравме со Ванчо Николовски, комерцијален директор во „Нимекс“ и со Метин Шакир, генерален директор на „Океан ком трејд“

Николовски и Шакир се согласија-рестрикциите ќе се одразат негативно врз дистрибуирањето стока.

Ќе ни се отежни работата, особено во делот на дистрибуцијата, но со добра организација и дисциплина ќе се обидуваме да го покриеме секој дел, истакна Николовски од „Нимекс“.

Во поглед на залихите двете компании немаат проблем, оти имаат доволно, но проблем се човечките ресурси.

Принудени сме на овие мерки и како компанија го скративме работното време на нашите комерцијалисти, како и на доставувачите на стока. Секако, мерките ќе се одразат на нашата продажба, но во овој случај здравјето е пред сè, ни објасни Шакир, од „Океан ком трејд“.

И во „Нимекс“ работното време и обврските се приспособени на моменталната ситуација.

Дел од вработените кои имаат канцелариска работа веќе две недели ги извршуваат своите работни задачи од дома. Вработените од комерција обезбедуваат нарачки преку меил или преку телефон. Проблем е работата на мечендајзерите кои не можат секаде да покријат, поради што има опасност да се појават производи со поминат рок или производи кои седат во магацини, ненаредени на полица, објасни Николовски.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...