Македонија

П. Јанкуловска: Стабилни, сигурни и безбедни брендови

27 Mar 2020

Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk

Како и секојa криза и оваа, со којa се соочуваме денес, продира и ќе продира во секој сегмент од работењето. Многу компании и сектори во компаниите ќе почувствуваат промени. И изградените брендови ќе почувствуваат промени и ќе се најдат пред нови предизвици. Како да се справат со нив и што тие треба да направат во иднина, разговаравме со Полексена Јанкуловска, регионален маркетинг-менаџер во „Бимилк“.

Како брендовите можат да одговорат на кризата предизвикана од вирусот корона?

Нема индустрија којашто е имуна на ситуацијата со ширењето на вирусот КОВИД 19. Во оваа ситуација, за нас безбедноста на вработените и нивното здравје е приоритет. На самиот почеток воведовме зајакнати мерки за безбедност и заштита што значи забрана за влез на трети лица во компанијата, зачестени дезинфекции и зголемена заштита на вработените. Во целост ги следиме мерките од Владата и Министерството за здравство, состаноците се одвиваат онлајн, а дел од вработените каде процесот на работа го дозволува тоа, работат од дома.

Со оглед на тоа што произведуваме основен прехранбен производ имаме обврска кон нашите потрошувачи производот да го има постојано на продажните места, па преземаме дополнителни мерки, се работи во смени за да се обезбеди непречено снабдување на пазарот, а исто така ја зајакнавме и дистрибутивната мрежа. Во „Бимилк“ и производството и дистрибуцијата се одвива стабилно и континуирано.

Брендовите треба да воспостават со потрошувачите информативен и едукативен тон во поглед на состојбата.

Каков однос треба да гради брендот во ваква ситуација? Кои се клучните пораки што треба да му ги пренесе на потрошувачот и како?

Стабилност, сигурност и безбедност, тоа се главните пораки што „Бимилк“ ги испраќа до граѓаните и ги уверува во континуитет на своето производство. Секој бренд треба да придонесе на секаков начин за помош онаму каде треба и колку што може.

Битно е сега компанијата да ја покаже и докаже својата општествена одговорност, преку донирање производи и овозможување на граѓаните чувство на безбедност во производот на секој можен начин.

„Битолска млекара“ постојано донира производи во кризните подрачја, овозможуваме континуирана и непречена достава насекаде и преку нашата комуникација ги уверуваме потрошувачите дека нивните потреби ќе бидат задоволени. Исто така, во контекст на нашата одговорност кон потрошувачите воспоставуваме информативен и едукативен тон во поглед на состојбата. Ги користиме социјалните мрежи за да комуницираме со нашите потрошувачи за важноста од почитувањето на мерките од Министерство за здравство со интерактивната платформа #седидома. Во исто време, испраќаме порака на смиреност дека во нашите производствени погони се преземени сите мерки за заштита на вработените и процесот на производство.

Според вас, како ќе се менува однесувањето на потрошувачите?

Несомнено дека ќе се променат и начинот на однесување и навиките. Можно е да се создаде сосема нов пристап до купување и до производите, а тоа значи дека ќе се зголеми трендот за купување онлајн и сите треба да се приспособуваме на тој тренд. Компанијата повторно треба да ги увери потрошувачите дека може да ги следи овие примени и дека ќе одговори на нивните барања на секој можен начин. Чекор сме пред овие промени и комплетно подготвени да ги следиме новите навики и трендови кај потрошувачите.

Можно е да се создаде сосема нов пристап до купување и до производите, а тоа значи дека ќе се зголеми трендот за купување онлајн.

Како брендовите треба да постапат кога целиот свет се наоѓа во ситуација на опортунизам и страв?

Ова е време на постојана комуникација и покажување на вистинска општествена одговорност. Компаниите се тие кои што со својот ангажиран и активен одговор ќе го потиснат опортунизмот, и наместо страв кај своите потрошувачи ќе создадат чувство на сигурност, стабилност, безбедност.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...