Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk
Маалските продавници се соочуваат со голем предизвик, како во просторија со мала или со средна големина, да ги имаат сите барани производи, но во исто време да се придржуваат до мерките за заштита на своите вработени и крајните потрошувачи.
Во продажниот простор од 24 м² и во магацинскиот простор од 16 м² Маријанчо Георгиевски уверува дека ги има производите што им се потребни на луѓето од неговото маало, оние што секојдневно доаѓаат и пазаруваат во „Шака лака“ во Делчево.
Се обидуваме да ги следиме препораките на Владата и на СЗО, за заштита и на вработените и на потрошувачите. Уште на вратата им поставив соопштение за одговорно пазарење и не им дозволуваме да купуваат поголеми количества од еден производ, ни го објасни Маријанчо начинот како се справува со ситуацијата.
Тој додаде дека имаат доволно залихи на производи од сите категории и засега немаат најави од нивните партенери дека ќе има застој во доставата. Тој додаде: Имавме на почетокот проблем со брашното, ама сега тоа е регулирано.
За потрошувачите тој истакна дека ги почитуваат мерките за претпазливост и самите се организираат за влез во продавницата, влегуваат еден по еден.
Реално веќе немаме голема гужва во продавницата, а и потрошувачите се свесни дека треба да се внимава, да се држи растојание и сл. Многу сум задоволен од нивната дисциплина, очигледно е дека сериозно е сфатена работата, додадва Маријанчо.
На темата поразговаравме и со Хебиб Муареми сопственик на „Вока дисконт“, кој има продавници на четири локации во Тетово. Една од продавниците се простира на 120 м², две на околу 100 м² и една на 80 м². Во секоја од продавниците има најмалку 3.000 артикли.
Моменталната ситуциаја е таква што наложува да внимаваме на сè. Доволно количество на залихи, одговорно пазарење, соодветна распределба на работници и сл. Сега и времето на пазарење е скратено, така што и тоа влијае дополнително на работењето.
Тој истакна дека се соочија и тие како и другите со голема побарувачка, но немаат засега проблем со залихи. Најмногу се купува брашно, шеќер, квасец, тестенини...
Хебиб истакна дека веќе сите читаат и слушаат што се случува со вирусот корона, сите се известени и ги почитуваат мерките: Има толку многу информации за ситуацијата и луѓето веќе се пазат. Доаѓаат со маски и ракавици. И иако реално просторот во продавницата е мал, сепак се трудат да држат растојание и да внимаваат и на себе и на другите. Пријатно сум изнанаден од нив. Иако, на почетокот имаше проблеми, имаше многу гужви, сега ситуацијата е стабилизирана. Луѓето видоа дека ќе има доволно брашно, зејтин и други производи и не купуваат големи количества.
Хебиб очекува да се намали работата и да се забележат загуби со зголемувањето на траењето на полицискиот час.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.