Македонија

Над 13 милиони евра на располагање за винарниците

10 Feb 2020

Над 13 милиони евра им стојат на располагање на винарниците од Македонија, пријавувањето е до 11 февруари, но надлежните најавуваат дека може да биде продолжено за уште две недели поради обемната документација што треба да ја достават заинтересираните.

Мерката 3 од ИПАРД 2014 – 2020 се однесува за инвестиции во преработувачките капацитети во кои влегуваат и винарниците, а беа претставени од Телото за управување со ИПАРД при МЗШВ и од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. За неа веќе има интерес кај винарниците, а затоа што тие преку оваа мерка на ИПАРД можат да инвестираат во нови лозови насади и набавка на системи за снабдување со вода-капка по капка. Мерката 7, пак, е за диверзификација на фарми и развој на бизниси, која е интересна и за винарниците од аспект на тоа што може да инвестираат во сали за дегустација и слични објекти во функција на винарницата. За оваа мерка веќе заврши јавниот оглас и има поднесено 260 апликации во висина од над 30 милиони евра.

Драган Ванов од винарницата „Венец“ од Долни Дисан, Неготино, за МИА изјави дека и досега имаат користено средства од ИПАРД: за опрема во винарницата и во примарно земјоделско производство за набавка на земјоделска механизација. На јавниот повик од Мерката 3, што е во тек, а бидејќи се однесува за набавка нова опрема во винарницата, планираат да аплицираат за доопремување на винарницата.

Оваа мерка е одлична за нови градежни инвестиции и за винабавка на нови машини. Финансирање со 50 проценти од инвестицијата е голема помош во услови какви што се сега. Се набавува опрема што е во прилог на подобрување на квалитетот на виното како производ на винарницата. Тоа, од друга страна, ќе придонесе кон подобра продажба, а на крај и за подобра заработка и други поволности за нас винарниците, изјави Ванов.

Милица Глигоровска од винарницата „Сковин“ рече дека сега првпат аплицираат за ИПАРД, и тоа преку Мерката 3.

Ние имаме нови сопственици и сега веќе имаме можност и услови да аплицираме за опрема и градежен зафат во винарницата, најави Глигоровска.

Таа појаснува дека преку ИПАРД, освен што им се намалуваат трошоците за 50 проценти, со набавка на нова опрема, која има многу поголеми можности – перформанси што им е и посебно важно, многу ќе им се зголеми квалитетот на вината. Воедно инвестиците во градежните зафати ќе им ги олеснат работите во винарницата.

Таа додава дека ова за нив е голема инвестиција со која планираат да реобноват 40 проценти од постојната застарена опрема на винарницата „Сковин“.

Досега винарницата „Сковин“ не користела средства од ИПАРД, затоа што била дел од корпорација и не исполнувала услови за користење на ИПАРД-програмите.

Перо Моцан од винарницата „Мовино“ од Росоман пред присутните презентира свои успешни  искуства од програматата на ИПАРД, а најави и ново аплицирање.

Извор: МИА 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...