Македонија

Стопанственици бараат увоз на работници од странство

18 Nov 2019

Дали Министерството за труд и социјална политика размислува за увоз на работна сила од трети земји, бидејќи нашата заминува и дали државата е фокусирана на ослободување на законската регулатива за ангажирање на работници од странство, е едно од главните прашања на стопанствениците кое беше поставено пред претставници на ресорното министерство и Агенцијата за вработување.

Митко Крстевски, претставник на компанијата „Еленица“ од Струмица, oбразложи дека ова не е само проблем на нашата државата заради масовното иселување, туку е и регионален проблем. Тој смета дека компаниите остануваат без работници, а државата без луѓе врз кои ќе може да ги примени мерките од Оперативниот план за вработување за 2020, за кој се разговараше на панел дискусијата на Локалниот економско социјален совет што се одржа во Струмица.

И покрај тоа што нудиме плата од 350-400 евра за општи работници никој не се јавува, а имаме ситуација кога има интерес од работници од трети земји, кои таму имаат плата 100 евра и можат да дојдат тука да работат, додаде Крстевски.

Стопанствениците изнесоа податоци дека оваа година во Хрватска имало ангажирано голем број работници од трети земји, а во некои земји од регионот биле формирани компании кои посредувале за ангажирање на странска работна сила.

Дел од присутните стопанственици побараа Оперативниот план за следната година да биде флексибилен, односно да се прилагодува на динамиката на бизнисот и со тоа да се овозможи и брз проток на работната сила.

Јас не би давал субвенци и бенефиции на никој, туку да се намалат давачките на сите стопански субјекти и да бидеме сите рамноправни и исти, бидејќи има одредени субјекти кои прават злоупотреби во делот на бенефициите и кои придонесуваат за појава на нелојална кокуренција, а институциите тоа не може да не го знаат и сум фрапиран од инертноста, тромоста и немањето храброст да се спротивставиме на овие аномалии, рече Ванчо Чонев, стопанственик од Делчево.

Ксенија Вангелова од „Бизнис иновацискиот центар“ смета дека за компаниите е поисплатливо да ангажираат искусни работници кои со преструктирање можат да се носат со предизвиците на поквалитетното работење, отколку да ангажираат нови за кои е потребно повеќе време за нивно вклучување во процесот на производството.

Според претставниците на Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување сите предлози ќе бидат инкорпорирани во Оперативниот план за вработување за наредната година. Притоа истакнаа дека мерката „Гаранција за млади“ е една од најуспешните мерки и во Струмичко интересот на младите на возраст до 29 година бил мошне голем.

   



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...