Македонија

Инвестиција од 11 милиони евра на „Алкалоид“

19 Aug 2019

Новите производствени одделенија ќе се простираат на површина од 7.000 квадратни метри и ќе создадат услови за реализирање на околу 200 нови вработувања.

Во соопштението објавено на Македонска берза, „Алкалоид“  извести за новите инвестициски планови. Според компанијата посветеноста на перманентниот пораст и развој, следењето на трендовите и најновите достигнувања во сферата на фармацијата, се главните причини поради кои во изминативе дваесет години „Алкалоид“ се задржа на курсот за континуирано инвестирање вложувајќи преку 200 милиони евра, алоцирани главно во сегментот фармација. Досега се реализирани инвестициските потфати во производствени капацитети и опрема, лаборатории, институт за истражување и развој, центар за контрола на квалитетот, модерен софтвер SAP, технологија и добро обучен персонал.

Компанијата најави дека инвестициите продолжуваат во нови произвдствени одделенија чиј износ ќе достигне 11 милиони евра, а ќе се простираат на површина од 7.000 м². Од планираните 11 милиони евра, 3,5 милиони ќе бидат наменети за целосно технолошко подготвување на одделението „Пакување на цврсти форми“, со површина од 2.000м². За потребите на одделението, нарачана е техничко-технолошка опрема во вредност од 5,2 милиони евра, вклучувајќи две автоматски линии за пакување. За изградба на два нови ката наменети за производство на цврсти фармацевтски форми и придружен простор за техничко-технолошка опрема со вкупна површина од 5.000 м² ќе бидат вложени 2,3 милиони евра. Сето ова ќе овозможи зголемување на капацитетите за производство за најмалку 50%, односно од сегашниот капацитет од речиси 2 милијарди таблети и капсули годишно, на повеќе од 3 милијарди парчиња цврсти фармацевтски форми. Комплетирањето на оваа инвестиција, планирано за првата половина од 2020 година, ќе создаде услови за реализирање на околу 200 нови вработувања во сегментот фармација.

Планираната инвестиција е во согласност со политиката на компанијата за вложување во капитални проекти, а со оглед на тројното зголемување на консолидираните приходи од продажби во изминативе 15 години, ваквиот потфат беше неопходен за овозможување на уште поинтензивни пласмани и континуиран пораст, стои во соопштението.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...