Македонија

ССК: Има фирми кои работат со милионски профити, а не плаќаат ниту денар во буџетот

26 Mar 2019

Тие што избегнуваат да плаќаат даноци, ги оштетуваат сите граѓани и се неправедни кон сите даночни обврзници кои работат законски. Нивното изигрување на прописите не само што претставува затајување данок, туку ги дестимулира сите што сакаат да работат почитувајќи ги законите, реагираат од Сојузот на стопански комори (ССК).

Од Сојузот повторно ги актуелизираат веќе изнесените барања: имплементација на Законот за забрана и спречување на вршење нерегистрирана дејност со што би се регулирало работењето во сивата зона, почнување постапка за трансформација на неформалните активности во формални, репресивни мерки со изрекување значителни глоби и кривични санкции, со што би се обиделе институциите да ги спречат нелегалните текови на пари.

Вршителите на дејност кои работат без формално да регистрирале фирма, се повеќе од 50 отсто поконкурентни на пазарот од регистрираните компании зашто не придонесуваат со обврска за плаќање ДДВ и придонеси по основ на социјално и пензиско осигурување. Тековните трошоци им се многу пониски, бидејќи не плаќаат по индустриска тарифа. Со тоа, не само што го оштетуваат буџетот, туку и нудат цени за производи и услуги на пазарот кои се значително пониски, цени кои регистрирана компанија што ги плаќа сите давачки не може да ги постигне поради тоа што повисоките трошоци мора да ги пресмета во крајната цена на чинење, соопштија од ССК. 

Според Сојузот, сузбивањето на неформалната економија во земјава која изнесува над 30 проценти од севкупната економија е главниот предизвик за обезбедување стабилен деловен амбиент и работа под еднакви и фер услови за сите субјекти во приватниот сектор. Со моменталните состојби на удар се особено малите и средни претпријатија кои како двигател на македонската економија сочинуваат 99,7 проценти од сите компании и имаат учество од 70 отсто во бруто домашниот производ. ОД ССК велат дека особено е критично да се обезбеди механизам за справување со оние кои работат во неформалната зона со милионски профити, производители, трговците на стоки и услуги кои заработуваат големи суми, не плаќајки ниту денар во буџетот. 

Потребна е здружена акција и искористување на соодветните механизми, со цел менување на перцепцијата дека неформалната е сигурна зона каде нема контроли и казни. Во спротивно и оние кои работат во согласност со законите и плаќаат даноци, тивко ќе почнат да преоѓаат во сивата зона. Механизми за надминување на оваа состојба со волја и акција на инспекциските служби е почнување со континуирано делување по пријави за нерегистрирани субјекти, но и јавно истакнување на оние кои ќе добијат глоба за тоа, сметаат во Сојузот.

Анализите на Светска банка покажуваат дека учеството на компаниите кои се соочуваат со нерегистрираните или неформални вршители на дејност во Македонија е 55, 5 отсто или најмногу во регионот пред Црна Гора со 52,4 процента, Хрватска со 48,2, Албанија со 40,2, Србија со 37,5 и Словенија со 26,5 отсто.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...