Македонија

Притисоците и блокадите ќе нанесат големи штети

24 Aug 2018

Здружението „Вина од Македонија", во кое членуваат најголемите производители и извозници на вино во земјата, оценува дека најавите за можни блокади на патиштата, како начин на притисок за зголемување на откупната цена на грозјето, се избрзани, беспредметни и непотребни.

Доколку се остварат овие закани, тоа ќе значи стопирање на годинешниот откуп на грозје, што дефинитивно ќе нанесе непоправлива штета на целата домашна винска индустрија и на лозарството, се наведува во соопштението на здружението.

Крајниот ефект од пристисоците кон винарниците за зголемување на цените за откупеното грозје, според „Вина од Македонија", ќе доведе до нивно финансиско исцрпување и пропаѓање. Тоа ќе значи дефинитивен крај на целокупната домашна винска индустрија и на лозарството, затоа што без домашните винарници кои можат да ја издржат жестоката конуренција на светскиот вински пазар, ќе нема кој воопшто да го откупува грозјето, оценуваат од здружението.

Што се однесува до годинешната берба, од „Вина од Македонија" демантираат дека цената на грозјето не е променета во однос на минатата година: Досегашната цена на сортите за кои почна откупот, како што се кратошија и вранец, е во просек за 8,5% повисока во споредба со минатата година, а за сортите како траминец и темјаника, цената што некои винаници ја плаќаат е повисока дури до 40% во однос на минатата година. Истовремено, најголемиот број домашни винарници, плаќаат и дополнителни премии за грозјето со повисок квалитет и висока шеќерност, како и за грозјето предадено во гајби.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...