Македонија

Од денеска поевтинуваат дел од прехранбените производи

24 Sep 2024

Владината одлука за намалување на бруто профитната маржа на 73.прехранбени производи вчера беше објавена во Службен весник, а денеска прехранбените производи во маркетите треба да ја има ознаката „Помалку трошоци, повеќе за тебе“.

Со есенската кошничка се опфатени брашното, лебот и пекарските производи, тестенините, оризот, зејтинот, месото, млечните производи, јајцата, овошјето и зеленчукот, теглите со ајвар, шеќерот, млечното чоколадо, повеќе видови зачини и меленото кафе.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, за магазинот Instore, појаснува зошто се одлучиле за ваква мерка, а не за замрзнување на цените.

Министерството се одлучи за ваквата мерка – ограничување на бруто профитната маржа до 10 % во трговијата на големо и до 10% во трговијата на мало, за да се постигне посакуваната цел, а тоа е намалување на малопродажните цени на прехранбените производи и заштита на животниот стандард на населението. Со замрзнување на цените, се спречува понатамошниот раст на цените, додека со ограничувањето на маржата не само што се спречува неконтролираниот раст на цени, туку се постигнува и намалување на цените, во услови  кога истите претходно биле несразмерно зголемени, заради профитабилни причини, а не поради реален пораст на трошоците на производството и трошоците во трговијата. Исто така, ограничувањето на маржата овозможува и одредена флексибилност при формирањето на малопродажната цена и во случај евентуално зголемени увозни цени и зголемени трошоци за производство, трговецот и производителот ќе бидат во можност да ги зголемат цените, но, притоа зголемувањето би било сразмерно на зголемувањето на увозните цени, односно на зголемените трошоци на производство, истакна министерот Дурмиши.

Министерството за економија и труд, пред да ја предложи мерката, оствари средба со Стопанската комора на Северна Македонија на која и беше презентирана мерката, периодот во кој истата би се применувала, како и опсегот на производите кои би биле опфатени. Секако дека, контролите за нејзина примена, ќе бидат засилени, изјави за Instore, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...