Македонија

Суровините (не) се закана за македонското производство

27 Mar 2024

Суровините се клучни за производството, а варијациите во цените и количините секако влијаат врз цените на готовите производи. На оваа тема поразговаравме со нашите соговорници, кои дадоа свое мислење за тоа што може да очекуваат компаниите годинава во поглед на суровините и дали ќе има недостиг или поголеми варијации на цените; дали се очекуваат нови поскапувања ако се земе предвид тоа што голем дел од преработувачката индустрија во Македонија зависи од увоз на суровини и на кој начин може да се подобри состојбата на компаниите за да ја намалат зависноста од суровини, потребна ли е помош од државата во овој поглед...

Приреди: Алма Растодер, alma@instore.mk

СТРУЧЕН СТАВ                                                                                                                                       

Сашо Ристески, извршен секретар на Македонската асоцијација на преработувачи МАП

Варијации на цени имало и ќе има и годинава поради континуирани недостатоци во постојната легислатива и начинот на кој се организирани продажбата и откупот на свежи суровини. Досега ништо не е сменето, а нема ни планови да се смени. Во исто време, варијации на цените се нормална работа ако се земе предвид дека суровините се пазарна категорија и кој било од преработувачите има флексибилност и техники како да го организира откупот на суровини. Но, индустријата стравува дека ќе има количинско намалување поради голема миграција од руралните средини и општо намалување на земјоделското производство.

Кога станува збор за индустријата за преработка на овошје и зеленчук, морам да нагласам дека таа во целост зависи од домашното производство на свежо овошје и зеленчук и само во одредени случаи, кога има голем недостиг, се бара обезбедување на бесцарински квоти. Но, овој процес е многу долг и не носи вистински резултати. Да потенцирам дека во здружението и во нашите анализи не се вклучени оние што купуваат овошни концентрати и препакуваат и продаваат сокови. Тие нам не ни се целната група, туку само домашната индустрија што користи домашни суровини за конзервирање, сушење, смрзнување на свежи земјоделски производи. Тука треба да се спомене една категорија на откупувачи на свежо доматно пире кои произведуваат кечап и други производи на база на доматно пире. Тие го увезуваат доматното пире од странство, но тоа е практика на многу компании во светот кои купуваат доматно пире од Кина, Иран итн.  Во поглед на поскапувањето на овошјето и зеленчукот, тоа соодветно оди со поскапувањето на производствените инпути, со поскапувањето на работната сила и со постојната инфлација. Поради сето ова, веројатно суровините ќе бидат со одреден процент поскапи од минатата година.

Индустријата стравува дека ќе има количинско намалување поради голема миграција од руралните средини и општо намалување на земјоделското производство.

Државата преку одредени механизми нуди поддршка, меѓутоа, дисторзии на пазарот се прават поради неефикасност на одредени сектори на Министерството за земјоделство, како што е Инспекторатот, кој толерира илегален откуп и дистрибуција на свежи производи. Се толерираат домашните трговци кои ги препродаваат свежите производи на зелени пазари, а производите ги плаќаат во готово, но и на откупувачите од странство кои плаќаат на истиот начин и ги изнесуваат надвор од државата. Потребна е поголема контрола за да се спречи плаќањето во готово. Преработувачката индустрија е лимитирана за плаќање во готово и одредени количества кога се договараат, доколку се појави некој странски откупувач, доколку плати во готово, земјоделските производители му ги продаваат производите нему. На овој начин, навидум регулираниот пазар станува комплетно нерегулиран. Ова се одразува врз договорните односи меѓу производителите, посредниците, купувачите. Проблемот настанува поради тоа што во договорите меѓу компаниите и производителите на свежо овошје нема специфицирано цена, односно дека цената ќе се утврди на денот на откуп. Тоа повлекува работи поврзани со Законот за земјоделство и рурален развој, а ја намалува вредноста на договорот како таков. Компаниите за да се заштитат, особено оние поголемите, решаваат да склучат договори со трговски фирми, големи консолидатори и на друг начин да го осигурат синџирот за набавка. Иако има обиди проблемот со синџирот на набавка да се стави под контрола и системски да се реши, сепак, одредени недостатоци, законски, административни и пазарни, спречуваат тој модел на договорено производство да биде имплементиран во целост.

СТАВ ОД СЕКТОРОТ                                                                                                                        

Сашо Наумоски, генерален извршен директор, „Витаминка“

Ценовниот шок на пазарите на суровини, во трговијата, производството и во потрошувачката што настапи по почетокот на војната во Украина, пред две години, предизвика висока инфлација, со која светот, преку покачување на каматните стапки, сè уште се бори. Овој тренд најверојатно ќе продолжи и во следниот период. Како пример, пазарот на какао веќе две години е во дефицит, што значи дека побарувачката е поголема од производството и производителите ги црпат своите залихи. Податоците велат дека моментално недостигаат 500.000 тони за глобалната индустрија, што најверојатно ќе генерира голема побарувачка и дополнителен пораст на цените.

Минатата година беше забележан највисок пад на цените на суровините од пандемијата наваму, но тие сепак останаа на високо ниво. Општо мислење е дека овие падови ќе се ублажат во 2024 година, но индексот ќе падне за 4 отсто. Се очекува намалување и на цените на енергетските производи, каде што главната улога ја има нафтата. Мое лично мислење е дека времето на ниски цени на какаото е минато, додека за шеќерот мислам дека летниот период, по реколтата во Јужна Америка, пред сè во Бразил, цената би се придвижила надолу! Генерално, зголемената цена на какаото, залихите што ги имаат производителите, најавениот дефицит, ќе резултираат со потреба од интервенција на цените на одредени производи во најскоро време.

Предвидувањата се дека климатските и геополитичките фактори сѐ повеќе ќе влијаат врз порастот на цените на храната. Ова налага промена во однесувањето и на компаниите и на потрошувачите, кои треба да го намалат импулсивното купување вишок стоки, односно трупање на залихи.

Влегуваме во период кога покрај екстремно високите цени на некои суровини, под знак прашалник ќе биде и самата достапност. Зголемувањето на цените на енергентите и на суровините е дел од глобалните текови што ги диктираат светските пазари. Предвидувањата  се дека климатските и геополитичките фактори сѐ повеќе ќе влијаат врз порастот на цените на храната. Ова налага промена во однесувањето и на компаниите и на потрошувачите, кои треба да го намалат импулсивното купување вишок стоки, односно трупање на залихи.

Во моментов пазарот е многу нестабилен и променлив и тешко е да се предвиди понатамошен развој. Во однос на прашањето за помош од државата, можам да кажам само дека државата треба да ги ревидира субвенциите во земјоделството за да поттикне примарно производство на суровини. Но, прашање е колку би дало успех ова, со оглед на тоа што многу граѓани одамна заминаа на работа надвор од државава, па има помалку луѓе кои би се занимавале со земјоделство.

СТАВ ОД СЕКТОРОТ                                                                                                    

Анатол Кутревски, втор извршен директор на „Пекабеско“

Не очекуваме да има големи варијации освен сезонските кои ги имаме секоја година, каде што цената на месото се зголемува за некој процент во текот на пролетта и летото, а се намалува во текот на есента и зимата. Недостиг на суровини не очекуваме да има и сметаме дека ќе има доволно за да се задоволат потребите на пазарот. Единствено нешто што може да има негативно влијание врз цените и врз снабдувањето е некој геополитички потрес како случувањата во Црвеното Море, каде што поминува една од најбитните поморски маршрути за снабдување во светот, или ескалација на војната во Украина.

Не очекуваме ниту поголеми покачувања на цените. Инфлацијата е веќе неколку месеци на едноцифрени нивоа и очекувам така да остане, со исклучок како што наведов доколку дојде до геополитички потреси во светот кои може негативно да влијаат врз цените.

За да се намали зависноста од увоз, треба да има сеопфатен концепт за зголемување на примарното производство на храна и негова понатамошна преработка. Потребна е анализа дали ние како држава имаме ресурси и финансиски средства за да го постигнеме тоа.

За да се намали зависноста од увоз, треба да има сеопфатен концепт за зголемување на примарното производство на храна и негова понатамошна преработка. За такво нешто треба да се направи анализа дали ние како држава имаме ресурси и финансиски средства за да го постигнеме тоа. Државата треба да го организира системот преку креирање амбиент за да можат стопанствениците и земјоделците да инвестираат во зголемување на примарното производство.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...