Македонија

Бектеши: Со законот за нефер трговски практики ќе се намалат цените на храната

13 Oct 2023

„Со новиот закон за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи ќе се регулираат 26 нефер трговски практики. Неговата примена очекуваме веднаш да влијае во намалување на цените на земјоделските и прехранбените производи, а со тоа и на квалитетот на производите. Законот ќе ги уредува условите и начинот како ќе се врши трговија со земјоделски и прехранбени производи“, рече министерот за економија, Крешник Бектеши, пред претставници на Стопанската комора на Северна Македонија, каде што го презентира новото законско решение.

Министерот рече дека по завршување на дебатата за законот, финалниот текст ќе биде доставен до Владата и потоа предложен до Собранието да се носи со европско знаме, со оглед на тоа што во него се транспонирани најголем дел од европските регулативи.

„Сакаме преку дијалог и презентации, на кои ќе бидат вклучени сите засегнати страни, да се изнајде најдоброто решение за производителите и за трговците. Ова законско решение ќе ги уреди условите и начинот како ќе се врши трговија во делот на земјоделски и прехранбени производи и нема да се дозволи да се користи моќта на одредена компанија врз другите компании. Ова законско решение би требало веднаш кога ќе почне да се применува, да влијае врз намалување на цените на прехранбените и земјоделските производи, да влијае врз подобрување на квалитетот на производите, како и да ги зголеми предвидливоста и сигурноста за работа и на доставувачите и на купувачите“, појасни Бектеши.

Потенцира дека првпат во државата се носи вакво законско решение, во кое има наведено 26 нефер трговски практики, кои ќе се уредуваат.

„Во законот исто така е наведено процентуално колку може да биде максималниот рабат што маркетите може да го бараат од производителите и доставувачите. кои сега надминуваат над 30-40 % од цената. Со ова решение ќе биде ограничено на 10 % и во склоп на тоа ќе конкурираат меѓу себе синџирите супермаркети, што ќе влијае во намалување на цените“, рече Бектеши.

За непочитување на законските одредби, засега во предлог-решението се предвидени глоби до 20.000 евра, но министерот Бектеши рече дека и за овој дел од текстот ќе се разговара дополнително.

За приспособување на компаниите кон понудените решенија е одреден рок од шест месеци.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...