Повеќе од 50 прехранбени производи ќе добијат пониска цена за десет отсто, се договориле претставниците на осум најголеми трговски синџири и министерот за економија, Крешник Бектеши, на нивната денешна средба.
Според Бектеши, изборот на производи што ќе поевтинат е направен според податоците за потрошувачката од Државниот завод за статистика. Како референтни ќе се земат цени што биле актуелни во некои од претходните месеци.
Владата на седницата во вторник ќе ја донесе одлуката за намалување на цените.
Компаниите ќе можат да организираат акција со намалени цени само за производи кои ќе бидат пред рокот на истекување со посебна назнака. Останатите производи нема да можат да бидат продавани по акциски цени. Ќе следуваат мерки и за производителите и дистрибутерите за нивните цени. Компаниите кои нема да се придржуваат на одлуката на владата ќе бидат казнувани според актуелните закони.
Државниот пазарен испекторат работи според 80 закони во кои покрај другото има и глоби за одземање на стоки и роби, но на влада ќе биде одлучено по кои закони ќе бидат затворани трговски објекит кои нема да ги почитуваат. ние како инспекторат нема да бидеме селективни во одлучувањето околу казните, но како што видов трговците се подготвени да ја применат владината одлука, кажа директорот на пазарниот инспекторат(ДПИ), Горан Трајковски.
Министерството за економија во текот на следната недела ќе направи измени и дополнувања на Законот за државен пазарен инспекторат, со кои ќе ги зголеми ингеренциите на инспекторите на ДПИ за да можат веднаш да постапат и да го затворат објектот без да поминат одредени судски постапки. До крајот на наредната недела ќе го имаме и новото законско решение за нефер трговски практики со кое ќе се укинат над 20 отсто од одредени давачки во синџирот на трговија, почнувајќи од производство, па се до малопродажба што дополнително ќе влијае на намалување на цените. Со законското решение ќе се утврди начинот како треба да се направи договорот меѓу синџирот на супермаркети и нивните добавувачи или, пак, синџирот на супермаркети и производителите од државата, најави Бектеши.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.