Македонија

Преспанското јаболко доби заштитена географска ознака

20 Mar 2023

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, потпиша 17 решенија на производители на преспанско јаболко, кои успешно ја поминаа верификацијата и ќе може непречено да го користат заштитениот географски назив „преспанско јаболко“.

Со заштитата на географскиот назив „преспанско јаболко“, тој се заштитува од имитација, злоупотреба и лажно декларирање. Всушност, се заштитуваат угледот и автентичноста на овој производ. Потрошувачите што ќе видат производ јаболко што ја носи оваа ознака, може да бидат сигурни дека ќе јадат автентичен производ од преспанскиот регион со загарантиран квалитет, соопштија од Владата.

Земјоделската задруга „Преспанка – преспанско јаболче“ од Ресен, кон крајот на 2021 година поднесе барање за регистрација на географска ознака до Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. За таа цел се формира стручна комисија за спроведување постапка за регистрирање заштитена географска ознака – преспанско јаболко. Комисијата донесе две одлуки:

– одлука дека барањето, ревидираниот елаборат и придружната документација за регистрирање заштитена географска ознака – преспанско јаболко се основани и

– одлука дека предлог контролниот план изработен од страна на Државниот инспекторат за земјоделство за верификација на соодветноста на производот со елаборатот е основан.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...