Македонија

Доделени наградите за најдобри вина од семејните винарии

19 Dec 2022

Тиквешки семејни винари, веќе не треба да е само тиквешки туку и македонски, затоа што тука се изложувачи производители од целата држава, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на предновогодишниот вински салон на мали тиквешки семејни винарии во Кавадарци.Тој изрази задоволство што „Тиквешки семејни винари“ склучи договор со „Вина од Македонија“.

Првпат имаме програма за поддршка на малите семејни винарии и доделени се 59 грантови од 10 илјади евра. Оваа програма ќе ја има и следната 2023 година. Обезбедени се 70 милиони денари за малите производители на вино, на храна и на дестилерии. Чекајте ја новата програма во јануари за малите стартап семејни винарии со грант од 10 илјади евра, рече министерот Николовски.Тој посочи дека првпат новата програма ќе има за мали производители на храна од животинско и неживотинско потекло со грант од 10 илјади евра, а исто толку пари како грант се предвидени и за мали стартап дестилерии.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство оваа година поддржало 70 манифестации, локални и со меѓународен карактер и сите добиле финансиска поддршка, вклучително и настанот во Кавадарци.

Министерот Николовски рече дека поддршката на манифестациите ќе продолжи и следната година.

Инаку, на винскиот салон присуствуваа над 35 мали винарии, а посетителите имаа можност да се запознаат и дегустираат над 200 сорти вино, 30 сорти ракии, 30 вињаци и да вкусат храна од четири производители.

Здружението на винари од Македонија ги додели и наградите за најдобри млади вина од индивидуални производители и семејни винарии. Натпреварот се одржува традиционално веќе осум години, а целта е, како што беше кажано, да се види потенцијалот на младите вина од коишто се очекува да бидат уште подобри кога ќе созреат и „отспијат”. Во категорија на индивидуални производители, Цанко Коцев освои 92 поени за црвено вино куве од сортите „каберне“, „мерло“ и „вранец“ и 94 поени за розе вино од сортата „станушина”, информираа од Здружението на винари за МИА.

Беа доделени и неколку награди за најдобри вина од категорија на семејни винарии. Деведесет и два поена добија “вранец” на Ивица Златковиќ, ,,жилавка” на Блаже Стојанов и ,,ризлинг” на Стојан Илиев. Поен повеќе, беа оценети ,,вранец” на Душан Наумовски и ,,розе од станушина” на Дафинка Дамјанова Уневска. ,,Вранец дарк хорс” на Гоце Попов освои 94 поени.
Оценувањето го извршија стручни лица енолози од Здружението на винари од Македонија.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...