Македонија

Перископ: Мерки без мерка

24 Aug 2022

Велат дека сè се купува со пари, освен љубов. Но, македонската Влада ќе се обиде да ја побие оваа аксиома

Пишува: Горан Теменугов, економски новинар  

Велат дека сè се купува со пари, освен љубов. Но, македонската Влада ќе се обиде да ја побие оваа аксиома. Иако во моментов Владата реши да нема директна помош за да му помогне на населението во овие кризни, инфлаторни времиња, сепак ќе се обиде со кеш да ги поправи пропустите од минатите децении олицетворени во уништување на енергетскиот сектор и на земјоделството и да ја купи љубовта на граѓаните. Инаку, Македонија е една од ретките земји во регионов и во Европа каде што во моментов нема директни фискални мерки за да се намали ударот од зголемувањето на цените на прехранбените производи, енергентите и транспортот. По тримесечните мерки, од 9 март до 1 јуни 2022, два и пол месеца веќе немаме намален данок на додадена вредност (ДДВ) и акцизи за дел од производите.

Според пресметките на дел од економистите, овие речиси тромесечни мерки придонеле инфлацијата во овој период да не се зголеми за дополнителни два до три насто. Но, затоа таа букна во јуни, кога во споредба со мај цените се зголемија за 2,8%, со што на годишно ниво или споредено јуни 2021 – јуни 2022 година цените пораснале за 14,5%. Секако, најмногу кај прехранбените производи, енергентите и транспортот.

На Владата од клучно значење ѝ е да собере што повеќе пари за да може да ја финансира кризата која се очекува да почне да се продлабочува есенва и да кулминира зимава.

Во овие моменти (текстот е пишуван на 1.8.2022) единствено што се знае е дека Владата подготвува нов сет мерки, за кои тврди дека пари се обезбедени во ребалансираниот буџет. Се споменуваат таргетирани мерки за населението, се споменуваат некои суми колку би чинеле, се најавува дека се преземаат мерки зимава да има парно греење за скопјани, да има доволно електрична енергија за домаќинствата и ако остане, и за фирмите. Се најавува дека нема да има недостиг на основните прехранбени производи и немало да има криза за храна.

Но, во вакви услови, како ќе се купи љубовата на граѓаните кога се најавуваа дека ќе ни биде тешко?

Еве како. Тоа што се гледа оддалеку е дека Владата се подготвува за тешката зима со „калапење“ пари во буџетот, кои потоа ќе ги троши за набавка на тоа што им е потребно на државата, на граѓаните, на фирмите. Значи, генералниот план е да платиме и да добиеме јаглен, мазут и други енергенти, како и потребната храна за да ја пребродиме зимата. И сите ќе веруваме дека ова е најдоброто, дека ќе се спасиме.

Прво треба да се види зошто во моментов нема директни фискални мерки, со намалување на ДДВ-то и на акцизите? Во мај 2022 година, ако се отворат извештаите на Министерството за финансии, се гледа дека има драстичен пад на ДДВ-то. Во првото полугодие од годинава прибирањето на данокот на додадена вредност месечно се движело од 85 до 97 милиони евра. Но во мај, кога владините мерки беа во полн ек, сумата падна на 57 милиони евра. Со ова, собирањето на ДДВ во првите шест месеци наместо да биде нешто под 50% од планираното, тоа е 46,6%. Инаку, со ребалансот на буџетот Владата годинава планира од ДДВ да собере фрапантни 231 милион евра повеќе од лани или една милијарда и 113 милиони евра.

Ова покажува дека на Владата од клучно значење ѝ е да собере што повеќе пари за да може да ја финансира кризата која се очекува да почне да се продлабочува есенва и да кулминира зимава.

Проблемот е во тоа што ние како држава ќе излеземе на пазар каде што исто така ќе се натпреваруваат и други, финансиски помоќни држави. Ова значи дека ние ќе бидеме на страната на побарувачката и ќе сакаме да купиме нешто што го сакаат и другите, а го нема доволно. Цените на енергентите и на храната ќе растат, а ќе победи оној што ќе има повеќе пари. А ние, реално, тука сме прилично слаби. А слаби сме бидејќи ако не можеме да најдеме замена за нафтените деривати, бидејќи ги немаме, сепак можевме колку-толку минимално да ја подобриме состојбата со електричната енергија и храната, иако овие два сектора се систематски уништувани во последниве 20 години и служеа само за одлевање пари од буџетот, купување социјален мир и гласачи, а не за нивно развивање и за обезбедување енергетска и прехранбена независност. Затоа, надежта дека со пари сè може да се купи, дури и љубовта, наскоро ќе се покаже како невозможна. Единствен спас е состојбите да почнат да се стабилизираат кон крајот на годинава. А ние, граѓаните, во оваа криза конечно ќе треба да разбереме дека од политичарите треба да бараме план каде ќе нè водат, а не да се задоволуваме во нивните ветувања дека со пари (во овој случај со наши) сè се може.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...