Македонија

„Алкалоид“: Раст на нето - добивката од 11 отсто и на извозот од 20 отсто, 127 нови вработувања

28 јул 2022

„Алкалоид“ забележа раст на консолидираните продажби од 14 %, раст на консолидираниот извоз од 20 %, со 127 нови вработувања во земјава и инвестиции од 8 милиони евра во периодот јануари – јуни 2022 година.

Приходи од продажби

Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – јуни 2022 година продажбите достигнуваат 5.283.892.387 денари, што е за 10 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 7.131.908.525 денари, што е за 14 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Продажби според региони

Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 3 %, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 20 %. Од вкупните консолидирани продажби 32 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 68 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 32 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР, …) се остварени 14 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби.

Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите остварени во Полска (раст од 163%), Романија (раст од 140 %), Германија (раст од 93 %), Бугарија (раст од 55 %), САД (раст од 45 %), Ерменија (раст од 40 %), Грција (раст од 28%), Турција (раст од 28%), Косово (раст од 13 %), Словенија (раст од 8 %), Албанија (раст од 6 %), Србија (раст од 6 %) итн. Во периодот јануари – јуни 2022 година во сегментот фармација се реализираа и првите поголеми продажби во Португалија, во износ од 9 милиони денари и во Монголија, во износ од 7 милиони денари.

Продажби според групи производи

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 88 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со удел од 23 %, препаратите ОТЦ со 18 %, кардиолошките препарати со 14 %, невролошките препарати заземаат 13 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 12 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 3 %, козметика со 7 %, а билкарство учествува со 2 %. Вкупните продажби бележат пораст кај сите профитни центри во споредба со остварените во истиот период од 2021 година. Сегментот фармација бележи раст од 14%, хемија од 15%, козметика од 5% и билкарство од 19%.

Инвестиции

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – јуни 2022 година изнесуваат 490.007.774 денари.

Резултати од работењето

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.168.168.959 денари, бележи зголемување од околу 10 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 683.064.178 денари и е зголемена за 16 %.

Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 1.192.089.132 денари и бележи раст од 7 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 649.426.813 денари е зголемена за 11 %.

При извршувањето на оперативните активности АЛКАЛОИД АД Скопје ангажираше над 1.000 домашни добавувачи.

Вработени

Во периодот јануари-јуни 2022 година во „Алкалоид“ се реализирани 127 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид во март 2022 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата во висина од нето износ од 30.000 денари. Групацијата „Алкалоид“2.609 вработени, од кои 2.011 се во базата во Скопје, а 598 се вработени во подружниците во странство.

Податоци за акциите

Акциите на „Алкалоид“  котираат на официјалниот пазар на Македонска берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – јуни 2022 година се движеше од 16.385,00 денари до 19.400,00 денари, или просечно 17.894,72 денари за една акција, што претставува раст од 21,4 % во споредба со просечната цена во истиот период од 2021 година. На 30.06.2022 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 5.268 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше речиси 24 милијарди денари.

Бизнис - план за 2022 година

Бизнис-планот за 2022 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, на Седницата одржана на 29.12.2021 година, предвидува инвестирање на околу 14% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 8% на консолидираните продажби во однос на 2021 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2021 година.

Бизнис-планот за 2022 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2022 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат во однос на прикажаните во бизнис-планот.

Очекувања за претстојниот период

Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици, генерирани од пандемијата на КОВИД-19. Презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото.

Во согласност со очекувањата, уште во текот на минатата година здравствената криза се претвори и во економска, а со тоа се појавија и нови предизвици во работењето. Она што како тренд започна во 2021 година, а ќе доминира и во 2022 година е забележителниот раст на цените на голем дел од влезните суровини и материјали, енергенсите, како и порастот на цените на транспортот на глобално ниво, а особено и значителните пролонгирања на роковите за испорака. Сето ова веќе започна да влијае и на стапката на инфлацијата што веројатно како тренд ќе биде уште понагласен во периодот што следи. Земајќи го предвид конфликтот помеѓу Русија и Украина, започувајќи од 24 февруари 2022 година, АЛКАЛОИД АД Скопје превзема неопходни мерки за заштита на инвеститорите, купувачите и вработените обидувајќи се да им овозможи безбедни услови.

Како најголем предизвик и прв приоритет за периодот што доаѓа и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност, на финансиската стабилност и остварување на планските цели.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...