Македонија

Што подразбира Владата под нечесни трговски практики?

22 Jun 2022

Владата на вчерашната седница го усвои законот за заштита на потрошувачите, на предлог на Mинистерството за економија. Kако новина се воведува посебно внимание на нечесни трговски практики, измамнички и агресивни трговски практики при продажба, вклучувајќи ги и дигиталните понуди.

Овој закон ќе помогне да се подобри квалитетот на живот на граѓаните, за заштита на потрошувачите и за заштита на ранливите категории на граѓани во деловните трансакции. Со овој закон се обезбедува високо ниво на првата на потрошувачите, но и полесно деловно уредување. Исто така се уредуваат правата и обврските на здружението за зашита на потрошувачите, а предвидени се и инструменти за брзо решавање на споровите, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши. 

Во зависност од големината на компанијата, предвидени се казни од 500 до 10.000 евра за непочитување на законот. Министерството соопшти што ќе се подразбира под нечесна трговска практика: 

- Одредена трговската практика е нечесна, доколку материјално го нарушува економскиот интерес и однесувањето на просечниот потрошувач во однос на производот,посебно кои се особено ранливи на засегнатиот производ поради нивната ментална или физичка немоќ, возраст на начин предвидлив од трговецот, кога трговецот дава неточни информации за пазарните услови или за достапноста на стоката со намера да се наведе потрошувачот да ја набави стоката под услови што се понеповолни од вообичаените пазарни услови.

- Одредена трговска практика се смета за измамничка пак доколку содржи лажни информации и поради тоа е невистинита, го доведува во заблуда просечниот потрошувач, дури и кога информациите фактички се точни, а во кој било од случаите предизвикува или е веројатно дека ќе предизвика просечниот потрошувачот да донесе пазарна одлука што инаку не би ја донел.

- Одредена трговска практика  се смета дека е агресивна доколку по пат на вознемирување, принуда, вклучувајќи и употреба на физичка сила или прекумерно влијание, значително ги нарушува слободата на избор на просечниот потрошувач или неговото постапување во врска со стоката и на овој начин просечниот потрошувач го наведува или е веројатно дека ќе го наведе да донесе пазарна одлука што инаку не би ја донел.

Потрошувачите чии права се повредени со користење на нечесни трговски практики, измамнички и агресивни трговски практики од страна на трговецот имаат право на надомест на штетата која ја претрпеле, имаат право и на сразмерно намалување на цената и раскинување на договорот, додека за трговците следат глоби, санкции и забрана за вршење на дејност.

За прекршување на одредбите од овој Закон предвидени се и глоби и тоа:

-За микро трговци глоба во износ од 500 до 1.000 евра, а 150 евра за одговорното лице;
-За мал трговец глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра, а 250 евра за одговорното лице;
-За среден трговец глобата изнесува од 2.000 до 5.000 евра, а 350 евра за одговорното лице;
-За големите трговци глоба во износ од 5.000 до 10.000 евра, а 500 евра за одговорното лице;
-Глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице, односно на трговецот - поединец за прекршокот.

Во делот на прекршочните санкции предвидена е привремена забрана за вршење на дејност и тоа во траење од три месеци до две години, од страна на надлежен суд за среден трговец и голем трговец и од 15 до 30 дена за микро и мал трговец, од страна на Комисијата за одлучување по прекршок.

На одговорните лица пак е кај правни лица, е предвидена забрана за вршење на професија, дејност или должност во траење од три месеци до една година, од страна на надлежен суд, а кај трговецот-поединец во траење од 15 до 30 дена, од страна на Комисијата за одлучување по прекршок.

Покрај новиот Закон за потрошувачи, Владата усвои и информација за да се изготви нов посебен Закон за нефер - трговски практики со кој целосно ќе се транспонираат европските директиви за нефер трговски практики во односите бизнис-то-бизнис во синџирот на снабдување со земјоделство и храна,  во национален закон за да се уреди состојбата од  појава на  нерамнотежа во преговарачката моќ помеѓу добавувачите и купувачите на земјоделски и прехранбени производи. Во директивата која целосно ќе биде транспонирана кај нас се наведува дека нерамнотежа во преговарачка моќ води кон нефер трговски практики кога поголемите и помоќните трговски партнери се обидуваат да наметнат одредени практики или договорни аранжмани кои се во нивна корист во однос на продажната трансакција.

Со овој нов Закон целосно ќе се усогласат и ќе се утврдат односите помеѓу трговците со цел заштита на потрошувачите.

Со овие предложени закони, Република Северна Македонија ќе биде првата земја во регионот со востановена законска пракса на нефер трговски практики. Според предложените измени, согласно европските регулативи се обезбедува високо ниво на заштита на правата за потрошувачите и гаранција на полесни услови за деловно работење, и се избегнува  појава на нерамнотежа во преговарачката моќ помеѓу добавувачите и купувачите на земјоделски и прехранбени производи, соопштија од Министерството за економија. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...