Од денеска – 15 јуни до 30 септември, белиот леб – сечен и цел, бел шеќер и сончогледово масло за јадење ќе се продаваат со 5% трговска маржа во трговија на големо и 5% во трговија на мало. За пченично брашно, тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, бел ориз, трајно млеко и јајца се утврдува маржа од 10% во трговија на големо и трговија на мало.
Ова вчера го најави министерот за економија Крешник Бектеши, кој кажа дека од денеска, со објавување во „Службен весник“, оваа одлука ќе стапи во сила, а ќе трае до 30 септември годинава.
По консултација со бизнис-заедницата, особено со трговците на мало и на големо и со производителите на основните прехранбени производи, откако беше направен надзор на пазарниот инспекторат и согласно сите извештаи на предлог на Министерството за економија, Владата ја усвои одлуката за определување највисока трговска маржа на основните прехранбени производи во трговијата на големо и на мало. Според одлуката, почнувајќи од утре, откако ќе биде објавена во „Службен весник“, заклучно со 30 септември оваа година, за бел леб сечен на парчиња или цел, бел шеќер, сончогледово масло за јадење се утврдува трговска маржа од пет отсто во трговија на големо и пет отсто во трговија на мало. За пченично брашно, тип 400 и тип 500, макарони, шпагети од тврда пченица, бел ориз, млеко и јајца се утврдува маржа од десет отсто во трговија на големо и трговија на мало, изјави Бектеши.
При формирањето цени, како истакна министерот Бектеши, до крајот на годината нема да се пресметуваат никакви дополнителни оперативни трошоци и нема да се одобруваат ниту рабат ниту надоместоци на секој трговец на мало кои ги плаќа трговецот на големо или производителот.
Нема да има дополнителни трошоци за производителите и увозниците на прехранбени производи врз основа на такви договори кои ги прават меѓусебе во делот на рекламирање, во делот на позиционирање на производите во маркетите и слично, додаде министерот.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.