„Пивара Скопје“, „Пакомак“ и „Мен енд Маунтен“ ја најавија досега најголемата еколошка акција – „Генералка викенд 2022“, што ќе се спроведува во 26 општини низ државата, вклучително и во Град Скопје.
Во пролетниот дел од акцијата, која во повеќето општини ќе се одвива од 6 до 8 мај, ќе биде собран целокупниот сув отпад од локациите што се одредени од страна на секоја општина посебно. Предвидено е вработените и членовите на менаџерскиот тим на „Пивара Скопје“, заедно со администрацијата на Град Скопје и со останатите партнери и заинтересирани граѓани, во петок 6. мај, да го собираат отпадот од врвот, пешачките патеки и падини на планината Водно, со што и официјално ќе биде означен почетокот на „Генералка викенд 2022“.
Со најновата еколошката акција, која ќе биде досега најголема акција од ваков вид во земјата, сакаме да постигнеме двоен ефект во заштитата на природата. Со пролетниот дел од оваа акција сакаме да го собереме отпадот од голем број локации ширум земјата, а со есенскиот дел сакаме да придонесеме за збогатување на шумскиот фонд. На ваков начин ние продолжуваме да ја реализираме платформата „Свет без отпад“ и иницијативата за намалување на CO2 во атмосферата, кои се дел од нашата долгорочна стратегија за одржлив развој, а истовремено придонесуваме и за доброто на целата заедница, на што сите ние во „Пивара Скопје“ сме посебно горди, изјави Марија Мининчиќ, менаџерка за партнерства со заедницата на „Пивара Скопје“.
„Генералка викенд 2022“ ќе се одвива во 26 општини. За собраниот отпад во текот на акцијата и овој пат ќе се погрижи „Пакомак“ кој, во соработка со локалните комунални претпријатија, ќе направи негова соодветна селекција и рециклирање.
Нѐ радува што оваа акција веќе се преточува од локална традиционална активност во активност од национален карактер, подржана од сѐ поголем број на jавни институции и општини, aмбасади, приватни компании, но и лица волонтери. Ова е еден од начините со личен пример да ја подигнеме свеста кај населението за заштита на животната средина и околината што нѐ опкружува. Кога секој би се грижел отпадот од пакување да завршува во соодветната корпа би имале многу почиста животна средина и поубаво окружување за нас, но и за нашите поколенија, кажа Ико Бардаровски, менаџер за развој на бизнис и комуникации на „Пакомак“.
Како продолжение на акциите за пролетно чистење, во рамки на „Генералка викенд 2022“ предвиденa е и акција за пошумување што ќе се спроведе наесен. Бројот на дрвцата што ќе бидат засадени ќе зависи од количината на отпад што ќе биде собрана за време на пролетното чистење, при што за секои 10 килограми собран отпад ќе биде засадено по едно дрвце. Дополнителен број садници ќе се обезбедат од средствата што ќе бидат донирани преку платформата наречена „Сончева гора“ која ќе биде отворена за сите заинтересирани поединци и компании. Локациите за засадување на новите дрвца и нивниот вид, ќе бидат одредени во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ЈП „Национални шуми“, Институтот за биологија и геологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и граѓанските организации кои активно работат во оваа област.
Како составен дел од „Генералка викенд 2022“ предвидено е да се организира и специјален фестивал во Крива Паланка на кој преку спој од добра музика, храна, пијалаци и претставување на локални уметници и занаети, ќе се прослави акцијата за пролетното чистење. Од „Мен енд Маунтен“ велат дека ваквите прослави ќе придонесат оваа акција да прерасне во традиционална и да се одржува секоја година.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.