„Алкалоид“ денеска пушти во употреба нова фабрика за производство на концентрати за хемодијализа, која со потребните магацински простории за суровини, амбалажа и за готови производи, зафаќа површина од 2.600 м2. Изведена е во согласност со строгите стандарди за добра производствена пракса, со законските прописи за производство на медицински средства и со директивите на системот за обезбедување квалитет.
Новите производствени капацитети се составени од 3 целини: подготовка на концентрати за хемодијализа, производство на прочистена вода и пакување на растворите. Процесната опрема, која е составена од три реактори со мешалки и од подготвителен сад, е со вкупен волумен од 25.000 литри и е изведена за да ги задоволи сите потреби за најсовремено и за целосно автоматизирано производство. Автоматизацијата на процесите овозможува брзо, прецизно и доверливо работење. Полнењето и пакувањето на подготвените концентрати за хемодијализа се вршат со посебна роботизирана линија со капацитет од 7.500 литри на час. Снабдувањето со електрична енергија за овој производствен капацитет во голем дел се одвива преку сопствени обновливи извори за производство на електрична енергија.
Во изминативе 15 години „Алкалоид“ има инвестирано близу 200 милиони евра, алоцирани во производствени капацитети, лаборатории, во истражување и развој, нови технологии и во континуирана едукација на вработените, а таквиот тренд се задржа и во изминативе години во кризни услови.
„Алкалоид“ денес пласира над 65 % од својот асортиман во околу 40 земји во светот, а светските трендови во фармацијата, хемијата, фитотерапијата и козметологијата се имплементирани во нашите секојдневни операции. Растворите за хемодијализа се присутни во медицинското портфолио на компанијата од 1990 година, а денес, три децении подоцна, пуштаме во употреба најсовремени производствени капацитети за овој тип на производи, чии производни волумени од близу 15 милиони литри годишно ќе можат да ги опслужат барањата на пазарите во регионот и пошироко, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје.
Во 2010 година растворите за хемодијализа на „Алкалоид“ го добија сертификатот ЦЕ за сообразност со европската директива за медицински помагала.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.