Вкупно шест македонски компании изложуваа на „најслаткиот саем во светот“, саемот ISM 2022 во Келн, Германија, кој почна на 30 јануари и трае до денеска, 2 февруари.
Своите производи ги изложија „Витаминка“, „Макпромет“, „Макпрогрес“, „Виталиа“, „Лион“ и „Макс фуд“.
Годинава, иако под пресија на пандемијата, со програмата, учесниците, активностите и можностите што ги нуди, ISM Келн уште еднаш си ја потврди репутацијата како најзначајно место за промовирање на еден производител. „Витаминка“ е редовен изложувач тука и во досегашното искуство сме се увериле во придобивките и реалните резултати. Истовремено, со нашата разновидна, богата и квалитетна понуда високо се позиционираме во нивото на производители и изложувачи присутни тука, вели Љупчо Велески, директор за извоз во „Витаминка“.
Од „Макпрогрес“ информираа дека како компанија со интернационално портфолио и оваа година успешно се претставуваат со нивните брендови Vincinni и Donia како и новитетите кои следуваат наскоро на пазарот за потрошувачите.
ISM Келн е најголем светски саем специјализиран за кондиторија. Тука изложуваат најзначајните фирми од оваа индустрија и доаѓаат посетители од целиот свет. Оваа година на саемот во Келн учествуваат повеќе од 1.800 производители од 76 земји од светот, а се очекуваат повеќе од 38.000 посетители од индустријата и сегментот кондиторија од сите страни на светот.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.