Македонија

Стопанска комора ќе ја повлече иницијативата пред Уставен суд за неработната недела

21 Jan 2022

Стопанската комора ќе ја повлече иницијативата што ја покрена пред Уставниот суд, а со која ја оспори уставноста на законското решение за недела како работен ден. 

Тоа било договорено на средбата меѓу претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и претседателот на Стопанската комора ,Бранко Азески, членовите на Управниот одбор и најистакнатите стопанственици во државата. На средбата е истакната важноста од континуираната соработка, партнерски однос со деловната заедница сè со цел постигнување повисоки стапки на економски раст и решавање на предизвиците од енергетската криза и пандемијата кои се одразуваат на финансискиот капацитет на економијата.

Во духот на конструктивната соработка премиерот Ковачевски и претседателот на Стопанската комора Азески се согласија дека на 18 февруари Комората ќе ја повлече иницијативата пред Уставниот суд во врска со законското решение за недела неработен ден и дека во периодот што претстои ќе се најдат сеопфатни решенија за предизвиците околу спроведувањето на законот, соопштија од Владата.

Ковачевски на средбата со деловната заедница истакнал дека фокусот на економијата е приоритет и се осврнал на досегашната соработка и важноста од инклузивниот процес за донесување на антикризните мерки кои дале добри резултати - 60.000 работни места се заштитени во државата кои што инаку без тие мерки би биле загубени, исто така и ликвидноста на компаниите беше задржана, велат од Владата.

Целта на денешната посета практично е продолжување на соработката и затоа состанокот веднаш го правиме во првата недела од изгласувањето на новата Влада и сакам да ве уверам дека ваков тип на средби ќе продолжат без разлика дали тие ќе се случуваат тука или ќе се случуваат во кабинетот на Владата, ние остануваме поддржувач како Влада на приватниот сектор, тоа е курс кој го имаше оваа Влада уште од нејзиното формирање, рече Ковачевски во поздравно обраќање пред компаниите членки на комората.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...