Македонија

Истражување: Според извозно ориентираните компании, „Отворен Балкан“ нуди нови можности за економија

22 Dec 2021

Извозно ориентираните компании сметаат дека иницијативата „Отворен Балкан” е од големо значење за нив поради можностите за подобрување на работата и остварување на поголем раст на компаниите, покажува истражувањето што го спроведе тинк тенк организацијата „Аналитика”.

Високи 96,4 проценти од анкетираните одговориле дека иницијативата би отворила нови можности за нивната компанија, наспроти 3,6 проценти кои сметаат спротивно. Компаниите опфатени во истражувањето, во најголем дел сметаат дека во моментот не постојат пречки за економска соработка во регионот. Девет од десет анкетирани или 89,3 проценти рекле дека не постојат пречки за економска соработка меѓу земјите во регионот додека 10,7 проценти навеле конкретни проблеми и пречки. Најчесто споменувани пречки се долгото задржување на границите, обемната документација и другите административни проблеми кои го успоруваат или отежнуваат работењето.

На прашањето „Дали сметате дека со иницијативата Отворен Балкан можностите за трговска размена во регионот ќе бидат исти како меѓу земјите членки на ЕУ?”, најголем дел или процентуално 63,3 од анкетираните рекле дека можностите ќе бидат исти, 30 проценти сметаат дека ќе бидат слични, но не исти, а останатите 6,7 проценти немале доволно информации за да оценат.

Според истражувањето, најголем дел од компаниите сметаат дека иницијативата „Отворен Балкан” ќе го олесни движењето на капиталот (92 проценти). Четири од десет анкетирани (41,7 проценти) сметаат дека најголемо олеснување за движење на капиталот е потребно кај директните инвестиции, потоа во личните движења на капитал (33,3 проценти) и во финансиските заеми и кредити (16,7 проценти). Дополнитлено, 79,3 проценти од компаниите сметаат дека „Отворен Балкан” ќе го олесни движењето на луѓето во целост.

Според „Аналитика”, главните предизвици на земјите од Западен Балкан се зајакнување на добрососедските односи, посилна борба со корупцијата и организиралниот криминал, владење на правото и продолжување на реформите за влез во ЕУ.

Истражувањето е изработено во рамки на проектот „Економска интеграција на Западен Балкан – мини-шенген, регионална економска соработка и заеднички регионален пазар – мапирање на напредокот – можност за приближување на Северна Македонија кон внатрешниот пазар на ЕУ”, што го спроведува Аналитика – Скопје, со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...