Македонија

ОРМ: Да се дополни листата на дејности кои имаат право да работат во недела

17 Dec 2021

Неопходно е дополнување на листата на дејности кои имаат право да работат во недела, а минималната плата треба да се зголемува постепено, порачаа од Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), како единствен репрезентативен претставник на бизнисот во трипартитниот социјален дијалог. 

Истовремено, ОРМ смета дека постојните законски норми, според кои се врши годишно усогласување на висината на минималната плата со растот на просечно исплатената плата, со индексот на трошоците на живот и со растот на бруто домашниот производ, овозможуваат на фер начин да се одреди реалната вредност на минималната плата и со тоа да се компензира растот на цените на основните производи од кои во најголем дел зависи животниот стандард на населението.

Остануваме на својот став дека до реално зголемување на платите и подобар стандард на целото население во земјава може да се дојде само преку здрав и одржлив економски раст, кој ќе се темели на пораст на продуктивноста и конкурентската способност на компаниите. Затоа, во следниот период мора повеќе да се вложува во нови технологии, дигитализација и автоматизација, а државата да создаде поволен економски амбиент за да се реализираат ваквите инвестиции. Се надеваме и дека во следните години ќе се остварат проекциите на Владата за економски раст, без поголеми потреси предизвикани од актуелната пандемија, политички кризи или друг вид ризици, соопштија од ОРМ. 

Во врска со предложените измени во Законот за работни односи и Законот за трговија, со кои се доуредуваат одредбите за недела како ден за одмор, за кои во тек е процедурата за усвојување во Собранието, ОРМ смета дека во овој момент е направен добар компромис помеѓу барањата на синдикатите и реалните можности на бизнис секторот.

Но, истовремено укажуваме дека моделот во предложеното законско решение со кој се прави избор и се набројани дејностите во кои поради природата на дејноста и техничко-технолошкиот процес ќе можат да работат и во недела, носи ризик некои дејности да бидат изоставени од таа листа. Затоа сметаме дека уште во текот на собраниската расправа за овие законски измени, како и во текот на имплементацијата на Законот, ќе мора да се води сметка за евентуално дополнување на листата на дејности кои имаат право да работат во недела. Такви се на пример дејностите за производство на цемент, каде поради карактерот на технолошкиот процес не може да се прекинува работењето во недела, како и дејноста изградба на патишта и железници, каде поради временските услови може да дојде до прекин на работата во текот на работните денови, а изгубените работни часови да мора да бидат надоместени во недела, велат од Организацијата

Според работодавачите, така Законот би станал целосно применлив и дека нема да предизвика поголеми проблеми во работењето на компаниите.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...