Од денес официјално се отворени вратите на шесте маркети што „Рептил“ ги презеде од виничката компанија „Макпрогрес“.
Ова е прво проширување на малопродажната мрежа на скопскиот трговец надвор од главниот град. Како што информираат од „Рептил“, 32 вработени од „Макпрогрес“ ќе продолжат да работат во маркетите и по преземањето.
Вработените се една од најважните алки во процесот на функционирање. Се надеваме дека ќе успееме да ги задржиме и мотивираме да бидат дел од семејството „Рептил“. Нашата политика секогаш е фокусирана на најдоброто за вработените, изјавија за InStore од „Рептил“.
Шесте преземени маркети во Виница се наоѓаат на локациите: ул. Пионерска, бр. 2; ул. Никола Карев бб; ул. Населено место без уличен систем Блатец; ул. Маршал Тито, бр. 86; ул. Маршал Тито, бр. 24; ул. Страшо Пинџур, бр. 3/4. Од нив, два маркета се со поголема квадратура, а четири се со помала. Вкупната продажен простор на маркетите е околу 1.200 квадратни метри.
Маркетите „Макпрогрес“ се дел од пазарот повеќе од 27 години и по нашата долгогодишна соработка со менаџментот на компанијата, се одлучивме за ваков исчекор и проширување на „Рептил“ на пазарот на Источна Македонија. Маркетите „Макпрогрес“ го негуваат духот на маалските маркети, нудат удобност и топлина во пазарувањето и имаат слични пристап и начин на работа како нашиот, велат од „Рептил“.
Од аспект на асортиманот и понудата, маркетите во Виница ќе бидат исти како и маркетите „Рептил“ во Скопје. Сите активности и привилегии што ги имаат купувачите во Скопје, ќе ги добиваат и купувачите во Виница – викенд-акции, неделни акции, месечни акции, клуб-каталог, сезонски каталог, купон-промоции и сл.
„Рептил“ е секогаш на страната на потрошувачите – нивното задоволство е наша најголема цел. На тој начин имаме среќни вработени и чекориме напред. Благодарни сме за поддршката што ја добиваме во овие 25 години, истакнуваат од „Рептил“.
Годинава „Рептил“ го одбележува 25-годишниот јубилеј. Досега малопродажната мрежа на трговскиот синџир се состоеше од 19 маркети и еден специјализиран „Рептил Special“, сите во Скопје. Освен тоа, компанијата има и онлајн-платформа reptilmarketi.mk со асортиман од околу 4.000 артикли, која функционира на територијата на главниот град.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.