По минатотогодишното онлајн издание, винарската визба „Тиквеш“ оваа година ја продолжи традицијата на Фестивалот на младо вино во својот вообичаен формат и на добро познатата локација. Оваа година, наместо два, фестивалот се одвиваше во текот на три дена, со цел да се обезбеди што поголем број јавни личности, соработници на винарницата, претставници на дипломатскиот кор, институциите, бизнис секторот и на медиумите од земјава и регионот да можат да уживаат во младите вина од последната берба, соопштија од компанијата.
Ме радува што сме повторно овде во „Тиквеш“, на местото каде што се создава врвното вино и што имаме можност да ја продолжиме оваа традиција, да прославиме со она што нé спојува, а тоа е љубовта кон виното и животот и секако заедно да наздравиме за посреќна иднина, истакна меѓудругото претседателот на управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски, во своето поздравно обраќање. Благодарение на големите залагања на целиот тим и на нашите партнери - лозарите, како и на обемните вложувања и нашето инсистирање и упорност во почитување на стандардите и оваа година успеавме да произведеме одлични вина, кои верувам дека ќе ни донесат нови високи оценки и признанија и со тоа ќе останат најдобрите амабасадори на нашата земја и на нејзините уникатни убавини во светот, нагласи Јаневски.
Според оценките на енолозите и првите впечатоци од дегустираните млади вина од страна на посетителите на фестивалот, вината на „Тиквеш“ од годинешната берба се со одлични карактеристики. За добрата атмосфера во текот на трите дена од годинешниот Фестивал на младо вино се погрижија Мијата и Дани од македонската поп-музичка сцена, како и Амира Медуњанин и Нина Бадриќ, како претставнички на регионалната музичка сцена, а водител на настанот беше актерот Сашко Коцев.
И оваа година, согласно својата определба за општествено одговорно делување, „Тиквеш“ им овозможи на сите посетители на Фестивалот да дадат свои парични донации, а за возврат винарницата на секој од нив им подари уникатно младо вино, кое не може да се најде во продажната мрежа. Собраните средства се наменети за поддршка на функционирањето и активностите на организацијата СОС Детско Село.
Фестивалот на младо вино на „Тиквеш“ се одржува секоја година во третиот викенд од месец ноември, истовремено со останатите фестивали ширум светот посветени на младото вино. Овој фестивал е прв од ваков карактер во нашата земја и има значајна улога во градењето на винската култура и создавањето сопствена традиција на евалуација на виното од последната берба, како што е случајот во многу други земји - производители на вино.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.