Македонија

ССМ: За 30 дена да се изгласа неработна недела или ќе има генерален штрајк

11 ное 2021

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ)  одржа седница на Претседателството на која се дискутираше актуелната состојба поврзана со работничките права и процесите за донесување на одредени важни закони за работниците и колективните договори.

ССМ едногласно донесе Одлука врз основа на која најдоцна во рок од 30 дена бара итно усвојување на законското решение со кое се прогласува недела за ден на неделен одмор.

Со оглед на тоа што се поминати сите рокови кои беа договорени помеѓу социјалните партнери за усвојување на Законот за измени и дополнувања на Законот за работните односи во делот на прогласување на недела за ден на неделен одмор кој според нас не оправдано е заглавен во Собраниската комисија за труд и социјална политика, сметаме свесно дека се прави штета на огромен број на работници, се вели во соопштението од Синдикатот.

Доколку Законот беше донесен, од ССМ велат дека досега 92 проценти од вработените ќе одмараа, а осум проценти од работниците ќе беа платени со најмалку 50 до 100 проценти додаток за работа во ден на неделен одмор.

ССМ бара и итна измена и дополнување на Законот за минимална плата со која ќе се спречи минималната плата да изнесува под 60 проценти од просечната плата односно истата да се зголеми најмалку на 18.000,00 денари и да се предвиди решение со кое и останатите плати ќе го следат растот на минималната плата.

Посочуваат дека поради евидентното зголемување на цените, потребно е да се зголемат и платите со што ќе може да се овозможи трошок во висина на една синдикална потрошувачка кошница.

Зголемувањето на останатите плати согласно зголемувањето на минималната плата треба да биде преку почитување на одредбите од колективните договори кои се однесуваат на утврдување на коефициенти на сложеност на работните места преку коишто многу лесно ќе следи зголемување на платите за сите работници, велат од ССМ и додаваат дека уште на почеток на наредната недела ќе побараат предлог измена и дополнување на Законот за минимална плата.

Синдикатите бараат и итно потпишување на Општиот колективен договор за јавен сектор. Со новиот општ колективен договор за јавниот сектор, од ССМ велат дека ќе се промени поделбата и неправдата, а се нуди и поволно решение за зголемување на додатоците на плата за прекувремена работа, ноќна работа, работа во смени, работа во ден на неделен одмор, зголемување на деновите за платен одмор и воведување дополнителни основи за платени слободни денови, се воведува задолжителна одредба за консултирање на работниците, како и задолжителна обврска да потпише колективен договор на ниво на работодавец за работодавецот кај кој има над 30 вработени и други унапредувања на работничките права.

Имајќи предвид дека овие барања на работниците подолг временски период се игнорираат од надлежните министерства, пратеници, а беа ветени од страна на Владата, доколку не бидат исполнети во рок од 30 дена, синдикатите здружени во ССМ ќе спроведуваат постапки во нивните органи и тела, врз основа на одлуките на ССМ што ќе бидат донесени во наредните денови. Ќе бидеме принудени да застанеме рамо до рамо со работниците на генерален штрајк, велат од ССМ.

Додаваат дека донесена е Одлука веднаш да продолжат преговорите со Организацијата на работодавачи на Македонија и да се склучи Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Велат дека без оглед на политичката состојба во државата, работниците не отстапуваат од барањата што се егзистенцијални и суштински за нив.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...