Раст на македонската економијата од 4 отсто за годинава и за 2022, предвидува Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во најновиот извештај за економските перспективи на земјите од Западен Балкан.
Закрепнувањето е во тек во Северна Македонија, со раст поттикнат и од домашната и од надворешната побарувачка. Потрошувачката на домаќинствата силно порасна, поддржана од зголемувањето на платите, растот на кредитите и дознаките од странство, иако се уште е на релативно ниско ниво во споредба со другите регионални економии. Извозот на стоки се зголеми и по вредност и по обем, во тандем со увозот, поттикнат од закрепнувањето во ЕУ. Се предвидува дека економијата ќе порасне за 4,0 отсто и во 2021 и во 2022 година, оценува ЕБОР.
Во извештајот се посочува дека по четири последователни квартали со негативен раст помеѓу вториот квартал од 2020 година и првиот квартал од 2021 година, почна закрепнувањето на македонската економија.
БДП се зголеми за 13,1 отсто на годишно ниво во вториот квартал од 2021 година, поттикнат од домашната и надворешната побарувачка. Потрошувачката на домаќинствата порасна силно, поддржана од зголемувањето на платите, растот на кредитите и дознаките од странство. Извозот на стоки се зголеми и по вредност и по обем, поттикнат од закрепнувањето во ЕУ, главниот извозен пазар на Северна Македонија, и растот во тандем со увозот. Странските директни инвестиции се зголемија во втората половина на 2021 година, надминувајќи го соодветното ниво од 2019 година, се вели во извештајот.
Сепак, се додава, овој раст во голема мера ја одразува реинвестираната заработка и должничките инструменти, а учеството на новиот капитал е многу ниско.
Потрошувачката инфлација се зголеми заради привремените глобални фактори, но останува под контрола на 3,6 отсто на годишно ниво во септември. Стапките на монетарната политика се на најниско ниво досега, што го поддржува економското закрепнување. Се прогнозира дека економијата ќе порасне за 4,0 проценти и во 2021 и во 2022 година. Главните ризици за изгледите се однесуваат на брзината на закрепнување на европските пазари и развојот на „Ковид-19″, се потенцира во извештајот.
Прогнозата на ЕБОР за регионот на Западен Балкан е дека годинава ќе забележи раст од 6,4 отсто.
Се истакнува дека инфлациските притисоци и надворешните услови може да го попречат идното закрепнување на регионот и се додава дека индустриското производство и зголемениот извоз во ЕУ го поддржуваат растот во Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија, додека Албанија, Косово и Црна Гора имаат корист од силното закрепнување во угостителскиот сектор во текот на летните месеци.
Закрепнувањето е поттикнато и од зголемувањето на потрошувачката на домаќинствата, овозможено со растечките дознаки, порастот на номиналните плати и кредитниот раст во повеќето економии во регионот. Слично како и во другите региони, во Западен Балкан цените постепено се зголемуваат од почетокот на 2021 година поради повисоките цени на храната и енергијата. Фискалната политика остана приспособлива, а стапките на монетарната политика се историски најниски. Сепак, веројатноста за затегнување се зголемува во услови на постојан раст на цените и инфлаторни трендови во еврозоната.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.