Тетово се приклучи на градовите кои имаат повратни вендинг машини од каде амбалажниот отпад, низ процесот на рециклирање ќе може да се искористи како секундарна суровина и ќе добие нова употребна вредност.
Првата повратна вендинг машина на „Пакомак“ во Тетово е поставена во супермаркетот „Веро“ преку која за секоја рециклирана амбалажа ќе се добиваат „зелени поени“, кои засега ќе можат да се користат за купување производи во супермаркетот, но во иднина планирано е со нив да се плаќаат и општински и јавни услуги.
Министерот за животна средина, Насер Нуредини, на презентацијата на машината изјави дека со ваквите машини секој граѓанин може да го одложи отпадот и додека пазарува и лесно се применува системот на кауција, со што се стимулира поеколошко пакување и задолжителен поврат на амбалажата, а граѓаните добиваат финансиски поттик за одговорното однесување.
Нема подобар начин да се претстави обезбедувањето на услови и директна имплементација на новиот пакет закони за управување со отпадот, што ги изработи Министерството за животна средина ги просторно планирање, а ги усвои Собранието. Тие се во функција на зелената трансформација на економскиот систем и воведувањето на принципот на циркуларна економија, а селекцијата, рециклирањето, реупотребата и преработката на отпадот пред негово депонирање станува обврска за сите. Со тоа промовираме одржливо користење на природните ресурси, заштита на животната средина и иновација на технолошките процеси, вели Нуредини.
Најавувајќи поставување на вендинг машини и во другите градови во државата, Нуредини посочи дека во претстојниот период ќе се постават до 50 собирни садови за селекција на отпадот во државните институции, со цел органите на власта и државни службеници да бидат пример како соодветно се имплементираат новите закони и како правилно се одложува отпадот.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.