Македонија

„Тиквеш“ и годинава откупи најмногу грозје по повисоки цени од просечните

12 окт 2021

Анализата на податоците од годинешниот откуп покажуваат дека винарската визба „Тиквеш“ и оваа година откупи најголема количина грозје, по повисоки цени во однос на  просечните цени за вкупната реколтa, соопштија од компанијата. 

Од 92 милиони килограми грозје, колку што вкупно се откупени оваа година, „Тиквеш“, откупи 25 милиони килограми, што е повеќе од 25% од вкупниот откуп. Просечна цена за вкупната количина грозје откупена од „Тиквеш“ изнесува 13,4 денари за килограм и е повисока од просечната цена од 11,9 денари што ја постигнале сите винарници заедно, велат од „Тиквеш“. 

Според податоците на винарницата, „Тиквеш“ постигнал и највисоки просечни цени за сортите вранец и смедеревка, кои традиционално имаат најголемо учество во откупот. Конкретно, „Тиквеш“ за откупениот вранец постигнал просечна цена од 13,6 денари, при што просечната цена на вранецот наменет за производство на квалитетни црвени вина достигнал 14 денари за килограм, а за производство на розе вина – 12,7 денари за килограм. Слична е и ситуацијата кај откупот на смедеревката, каде „Тиквеш“ постигнал просечна цена од 11 денари за килограм, што е за еден денар повисоко од вкупната постигната просечна цена за откупената смедеревка. 
За откупеното грозје од другите сорти, „Тиквеш“ постигнал дури и повисоки цени, кои во просек достигнуваат и 16,5 денари за килограм откупено грозје од сортата ризлинг, 16,4 денари за шардоне, 16,1 денари за рајнски ризлинг, по 17 денари за сортите мерло и каберне совињон и 19,7 денари во просек за откупеното грозје од сортата темјаника. 

Ваквите податоци се најдобриот показател и доказ дека „Тиквеш“ ги исполнува ветувањата кон своите партнери – лозарите. Оние што ги почитуваа и се раководеа според утврдените параметри за квалитет на грозјето беа наградени со многу повисоки цени за предаденото грозје од просечните, што секако е посакуван резултат кон кој треба да се стремат сите, изјави претседателот на Управниот одбор на „Тиквеш“, Светозар Јаневски.

Тој напоменува дека „Тиквеш“ и понатаму ќе остане доследен на својата стратешка определба соодветно да го стимулира и наградува квалитетот, затоа што најважен предуслов за производство на врвно вино е токму квалитетното грозје.

Како општествено одговорна компанија „Тиквеш“ од своја страна  и понатаму ќе продолжи доследно да ги почитува сите преземени договорни обврски кон лозарите, но со право го очекува истото и од нив. Истовремено, ние и понатаму ќе продолжиме да инсистираме во Министерството за земјоделство, во Владата и кај останатите релевантни чинители, да се воведат светски стандарди во лозарството и винарството во Македонија, што значи и воспоставување систем за поддршка на развојот на овие гранки кој нема да зависи од политиката и интересите на поединци, туку исклучиво од пазарните механизми. Само така ќе можеме да бидеме конкурентни на светските пазари и на вистински начин да ја промовираме земјата како производител на висококвалитетно вино, изјави Јаневски.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...