Македонија

Јавен повик од ФИТР за поттик на социјалното претприемништво

14 Sep 2021

Бизнисите на поинаков начин да ги гледаат работите – наместо само кон профитот, да бидат свртени и кон природата, општеството и човекот, а претприемачите, особено младите, иновативниот капацитет да го стават во функција на заедницата.

Со овие две клучни пораки денеска беше презентиран првиот Повик за поттикнување на социјалното претприемништво што го реализира Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) во партнерство со Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ и „Бизнис импакт лаб“.

Повикот предвидува кофинансирање на социјални претпријатија што се фокусираат на минимум една од целите за одржлив развој на Обединетите Нации. Ќе се бараат решенија што ќе овозможат да се стави крај на сиромаштијата во сите форми, крај на гладувањето, безбедност на храната, подобрување на исхраната, како и промоција на одржливо земјоделство. Другите цели се обезбедување на инклузивно и еднакво квалитетно образование, како и промоција на можностите за доживотно учење на сите. Ќе бидат поддржани и проекти што имаат цел да постигнат родова еднаквост, да ги охрабрат жените и девојчињата, како и проекти што промовираат инклузивен и одржлив економски пораст преку вработување и пристојна работа за сите.

Како што беше речено на презентацијата, повикот е проектиран на поддршка од 6 милиони денари, а е отворен за здруженија на граѓани и трговски друштва, кои во моментот на аплицирање постојат не повеќе од шест години, како и за тимови составени од две до пет физички лица.

За поединечен предлог-проект, ФИТР обезбедува до 90% од вкупниот буџет, но максимум 1,5 милиони денари, додека апликантите треба да обезбедат најмалку 10% од вкупниот буџет на проектот. Спроведувањето може да биде до 12 месеци, но ФИТР врз основа на оправдани околности може да одобри продолжување до 6 месеци.

Главните критериуми според кои ќе се врши оценувањето на предлог-проектите се: степен на иновативност, капацитет на проектниот тим, квалитет на проектот, потенцијал за примена, односно пазарен потенцијал и влијание на проектот.

Во случај кога како натпреварувач се јавува тим или здружение на граѓани, чиј предлог-проект ја поминал фазата на селекција, натпреварувачот е обврзан во рок од 30 календарски дена по прием на известувањето за селекција на предлог-проектот, да основа трговско друштво во кое како основачи ќе се јавуваат најмалку 51% од членовите на тимот, изјави Коста Петров, директор на ФИТР.

Партнерите на повикот „Паблик“ и „Бизнис импакт лаб“ ќе обезбедат индивидуална менторска поддршка за избраните натпреварувачи за комуникација на импактот, а ќе овозможат и пристап до национални и глобални програми за скалирање на нивните бизниси.

Процесот на апликација за повикот и целата проектна документација се достапни на веб-страницата на Фондот. Повикот е објавен на 9 септември, а крајниот рок за апликација е до 22 октомври до 14 часот.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...