Македонија

ССМ ги потсетува работодавците да исплатат К-15

09 Sep 2021

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) преку соопштение ги потсетува работодавците во приватниот сектор да исплатат регрес за годишен одмор (К-15), бидејќи тоа е законска обврска.

Регресот за годишен одмор е право воспоставено по пат на дијалог меѓу претставниците на работниците, во конкретниот случај ССМ, и од претставниците на работодавците – ОРМ. Со оглед на тоа што се работи за право уредено спогодбено со потпишување на колективен договор, очекувано е работодавците целосно да ја исполнат обврската што доброволно ја презеле. Согласно член 35 од ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството регресот за годишен одмор се исплатува во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавец, велат од ССМ.

Основицата за пресметување на надоместоците на работниците е просечната месечна нето-плата по работник во Македонија исплатена во последните три месеци.

На барање на ССМ,  Владата прифати, а работодавците добија поголемо даночно ослободување при исплата на регрес за годишен одмор. Со тоа даночно ослободување до 80% од просечната плата, е надмината пречката работодавците да исплаќаат и повисок износ на регрес за годишен одмор од утврдениот, во висина од 40%.

На работниците на кои нема да им биде исплатен регресот за годишен одмор им укажуваме дека можат да побараат интервенција преку новата мобилна апликација ССМ – мои работнички права за да можеме да интервенираме до Државниот инспекторат за труд, или пак да покренат судска постапка за заштита на своите права, велат од ССМ.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...