Македонија

InStore Македонија: Тимот што го движи FMCG секторот

21 Apr 2021

Алма Растодер

Повикот добиен во 2011 година да работам на Target - единствениот трејд-магазин во Македонија, за мене беше целосно нов предизвик поради многу причини. Сепак, успеавме 1,5 година успешно да ја пополниме комуникацијата што недостигаше меѓу чинителите во FMCG-индустријата. Откако станавме дел од синергијата на регионалниот InStore, предизвикот стана поголем, но силната верба во квалитетот на изданието, тимот кој посветено работеше и меѓусебно се надополнуваше, како и одличната функционалност на редакциите од Србија, БиХ, Хрватска и Словенија, направија овие 10 години да поминат многу брзо и лесно... и сè уште со полна енергија за нови проекти и изданија.

Рекоа за Алма

Алма е моторот на InStore. За неа како да е смислена народната - тивка вода брег рони - ќе стигне сe да координира и да заврши и кога се трупаат задача врз задача. Во нејзиниот речник не постои фразата „не може“, а со посветеноста и упорноста навидум невозможните работи ги прави изводливи.

Данче Драгинова

На тимот на InStore му се придружив во јануари 2014 година, кога беше во подготовка 14. број. Навлегувајќи во еден недоволно познат сегмент во тој период, се сеќавам дека со нетрпение го очекував мојот „прв училиштен ден“ и бев решена да дадам сè од себе за секое делче од мозаикот да си дојде на место.  Денес, седум години подоцна, честопати го имам истиот предизвик – секој нов ден е денот кога треба да се научи нешто ново, секој нов ден е и нова сложувалка, која треба успешно да се состави. Јубилејниот 100. број е круна на една долга синергија, но и еден нов почеток, чии страници допрва ќе ги пишуваме.

Рекоа за Данче

Данче е единствена и одговорна, сигурна потпора на редакцијата за извршувањето на сите нови проекти... Секој збор е одмерен и проверен, секоја информација дополнително пребарана. Ако ви треба податок што никој друг не може да го најде, обратете ѝ се нејзе. Некој што без мака сезанимава со деталите и со ситниците. На нејзините плеќи во голема мера паѓа квалитетот на содржината на InStore.

Сунчица Стојановска Зоксимовска

Да се биде новинар меѓу „книжевници“ е двоен предизвик: од една страна, уште повеќе да се потпре секојдневното работење на редакцијата на „by the book“ правилата на професионалното новинарство, а од друга страна – да се прави тоа со веќе навежбани колеги кои одлично си го знаат секторот. Се покажа како функционален спој кога треба да се решаваат секојдневни дилеми: како да се обработи приказната, како да се пласира, кој да биде насловот, како да се оддели ПР-от од информацијата од јавен интерес... Некогаш имаме различни погледи, но нема компромис со главната водилка – актуелни и точни информации, избор на најрелевантните соговорници и претставување на пошироката слика зад случувањата во FMCG-секторот.

Рекоа за Сунчица

Кон претставувањето на секогаш актуелните теми, Сунчица пристапува новинарски професионално и аналитички. Секогаш има што да каже и со едноставни зборови да погоди во суштината на работите. Направи бум во пласирањето информации на дигиталната платформа на InStore, правејќи го магазинот релевантен медиум во секојдневното информирање.

За да се надминат границите на очекуваното во сите досегашни проекти потребна беше и креативната енергија на тимот на „Кликер маркетинг“. Секој со својата позиција и професионалност, но и со мултитаскинг способностите се вклучува онаму каде што е потребно. На 100 број на InStore со право заеднички се радуваме.

За сите виртуозни визуали, тука е Ана, навидум малечка, но вистински креативен џин. Тодор иако најнов во тимот, огромното искуство во дизајнот го применува на InStore. За организацијата на малите слатки активности во фирмата, но и за значајните настани и конференции е заслужна Христина. Нашиот Ideas Manager е Верица, лесно се шалтува за да ги реши сите дилеми во тимот. Александар е програмскиот гуру подготвен да ги совлада и нашите мали компјутерски маки, а Спасе е докажаниот крал на промоциите.

Од оправдани причини на фотографијата не се хаос координаторот Виолета, жена која успева да нè доведе во ред и хармонија и Савица, која со својата силна енергија ны прави дигитално повидливи.

Мери Каталиниќ

Ја крцкам својата деветта година во InStore. Тоа доволно кажува – за мене InStore e жив, динамичен и предизвикувачки проект. Бара брзина, информираност, постојана комуникација со професионалци од секторот и рокови кои мора да се стигнат. Знам, да, изгледа и звучи напорно и фрустрирачки, но задоволството на секое успешно завршено издание е посилно. Секој нареден број е нова приказна - нови теми, нови категории производи, други компании, нови луѓе или, пак, старите добри пријатели, но со нови предлози... Имаме уште многу нови идеи кои се во почетна фаза, некои од нив едвај чекам да ги споделам и затоа, очекувајте ме. Сигурно ќе ви се јавам.

Рекоа за Мери

InStore е извор на секојдневна инспирација и мотивација. Неговиот тим е секогаш на врвот на задачата. Еден од нашите есенцијални играчи е Мери - гласот на InStore. Остроумна и одмерена во своите продажни потфати. Одличен учител кој несебично ги споделува своето знаење и искуство. Креативен визионер со јасна слика за потенцијалот на InStore. Минималист во своите максими.

Срменка Серафимовска

За мене, InStore е многу повеќе од комуникациска платформа. InStore е јадрото на FMCG-индустријата. Беспримерно единствен проект, со регионална моќ и непоколеблива тенденција за амбициозен пораст и развој. Стабилен поддржувач на секторот и збиднувањата околу него и темпераментен претставник на една апсолутна кохезија помеѓу чинителите во малопродажниот свет. Горда сум што сум дел од неговата мисија и задоволство ми е што го чекорам неговиот визионерски пат, опкружена со неверојатни личности, исклучителни колеги, прекрасни клиенти. InStore е колективно идеален производ. 10 години гласило на пиедесталот!

Рекоа за Срме

Нашиот најмлад тимски играч е Срменка. Редакцијата на InStore е дефиниција за женска моќ! Алма, Данче и Сунчица се одлични колешки, искусни професионалци и посебни, секоја на свој начин. Срменка многу брзо се вклопи во тимот и многу ветува. Ако ве побара телефонски, ќе слушнете еден од најведрите гласови со кои некогаш сте разговарале.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...