Делегацијата на германското стопанство соопшти дека нуди нова услуга со која на компаниите добавувачи од Македонија, Албанија и Косово ќе им се овозможи пристап на германскиот пазар.
Според Делегацијата, во декември 2020 година индустриското производство во Северна Македонија бележи раст од 2,5 проценти во однос на декември 2019 година, но дали трендот на раст ќе продолжи, останува допрва да се види.
Новата услуга која ја нудиме на компаниите-добавувачи од Северна Македонија, Албанија и Косово, е аквизирање на нови клиенти и презентација на нивните компании во Германија, при што вршиме проценка со која се утврдува капацитетот за извоз на компаниите. Со оваа услуга им овозможуваме на компаниите од Западен Балкан пристап на германскиот пазар. Истовремено, за германските компании се јавуваат можности во однос на Lean менаџментот, што подразбира оптимизирање на процесите со намалување на активностите кои се без додадена вредност, оптимизирање на трошоците и диверзификација на ризиците, вели директорот на Делегацијата на германското стопанство, Патрик Мартенс.
Како што информира Мартенс, во моментот се основа Советот на експерти за проширување на синџирите на добавувачи. Членови на Советот се значајни личности во индустријата и стопански здруженија во Германија. Овој Совет ќе ја врши проценката во однос на компетентноста за извоз на македонските, албанските и косовските компании. Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија се надева дека оваа услуга ќе го разбуди интересот кај компаниите. Доколку одредена компанија добие позитивна оценка од Советот на експерти, мрежата на германските комори ширум светот ќе биде отворена за истата.
Делегацијата на германското стопанство, како што најавува директорот, наредните месеци активно ќе работи на нова стратегија за вмрежување на членовите на македонско - германското стопанско здружение.
Целта е да се развие нов комуникациски модел кој ќе биде составен од дигитален AHK B2B Hub, како и AHK Blog на македонски и германски јазик. Дигиталниот AHK B2B Hub не е наменет само за зајакнување на врската помеѓу Делегацијата на германското стопанство и членовите на Македонско-Германското стопанско здружение, туку ќе служи и за зацврстување на соработката меѓу членовите. AHK Blog-от ќе понуди нови можности за посилно претставување на „најдбрите практики“ искуствата на нашите членови, додека AHK B2B Hub е нова платформа за професионална размена и директен контакт помеѓу компаниите членки на Македонско-Германското стопанско здружение, вели Мартенс
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.