Македонија

Бескаматни кредити наместо помош за плати?

03 Feb 2021

Во петтиот пакет мерки се планира да се замени мерката државна помош за исплата на плати, со бескаматни кредити за компаниите. Наместо субвенција од 14.500 до 21.770 денари по работник, компаниите ќе имаат на располагање бескаматни кредити со грејс период од 12 месеци и период на отплата од три години со вклучен грант од 30 проценти, ако покажат позитивни резултати, најави вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи. 

До петок Владата ќе пресече дали на компаниите ќе им даде повторно финансиска помош за исплата на плати или оваа мерка ќе ја замени со бескаматните кредити.

Во петтиот пакет преовладуваат два концепта за поддршка на плати. Едниот е тој што го имавме, а другиот е таму каде имаат пад на приходите да понудиме нов модел, а тоа е да понудиме преку Развојната банка финансиска поддршка преку кредити коишто имаат нула интерес, што значи дека каматата ја субвенционира државата. Ние и претходно сме немале субвенции за плати, туку сме имале финансиска поддршка за плати. Со тоа правевме еден вид на кредитирање на стопанството за платите на работниците при што им кажувавме кои се условите за дел од помошта или целата да стане неповратна. Никогаш оваа Влада не кажала дека нема да има поддршка за стопанството, туку дека ќе продолжи зашто тие се генератор на развојот, дека работниците ни се битни, човечкиот капитал во државата ни е битен, рече Битиќи. 

Двата модела, како што истакна, сѐ уште се на маса и ќе преовлада моделот за кој Владата смета дека ќе ги даде најдобрите резултати во моментов.

До крајот на неделава сакаме да ја затвориме дискусијата со нашите партнери за тоа што е прифатливо, а што не. Со нив не преговараме, туку заеднички се консултираме за да донесеме заеднички решенија и заедно да имаме придобивка од нив, најави тој. 

Петтиот пакет мерки ќе тежи околу 150 милиони евра. Наменет е за извозните, домашните и странските компании, угостителството, хотелиерството, медиумите, транспортните компании особено оние кои се занимаваат со меѓународен транспорт, организаторите на настани, тутунарите, спортските клубови, за отпис на камати за долговите на граѓаните кон комуналните претпријатија…

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...