Сè помалку граѓани и компании бараат кредити од македонските банки, покажуваат податоците од новата анкета за кредитна активност на Народната банка.
Во четвртиот квартал на 2020 година, банките укажуваат на натамошно нето намалување на побарувачката на вкупните кредити на секторот „домаќинства“, слично како во претходната анкета.
Околу 51 отсто од банките укажуваат на намалување на кредитната побарувачката, додека околу 39 отсто од банките укажуваат на зголемување на побарувачката. Од аспект на поединечните типови кредити, побарувачката на станбените и останатите кредити забележа натамошно нето-намалување, но послабо кај станбените кредити во споредба со претходниот квартал. Кај потрошувачките кредити банките исто така укажале на нето-намалување, за разлика од малото нето-зголемување во претходната анкета. Нето-намалувањето на побарувачката на вкупните кредити во четвртиот квартал е спротивно на очекувањата на банките дадени во претходната анкета за нето-зголемување во истиот квартал. Во првиот квартал од 2021 година, банките очекуваат понатамошно нето-намалување на побарувачката на кредити од страна на домаќинствата, соопшти Народната банка.
Слична е состојбата кај кредитирањето на компаниите. Во четвртиот квартал на 2020 година, банките укажуваат на натамошно нето намалување на вкупната побарувачка на корпоративни кредити, но послабо во споредба со претходната анкета.
Имено, околу 36 отсто од банките укажуваат на намалување на вкупната кредитна побарувачка (59 отсто во претходната анкета). Околу 17 отсто од банките укажуваат на зголемување на побарувачката за корпоративните кредити, слично како и во претходната анкета. Нето-намалувањето на побарувачката во четвртиот квартал е спротивно на очекувањата на банките дадени во претходната анкета за нето-зголемување на побарувачката. За првото тримесечје на 2021 година, банките очекуваат дека ќе продолжи нето-намалувањето на кредитната побарувачка од страна на претпријатијата, велат од Народната банка.
Извор: Мета
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.