Македонија

СКСЗМ: Корона-кризата згасна над 4.000 компании

15 јан 2021

Во првите шест месеци од пандемијата на коронавирусот згаснале над 4.000 фирми во државава, се вели во извештајот што Стопанска комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) го достави до Владата заедно со листата на барања во однос на антикризните мерки.

Од Комората велат дека новиот антикризен пакет треба да се насочи кон подобрувањето на ликвидноста на фирмите за тие да можат да опстанат по завршувањето на пандемијата и ја повикуваат Влaдата директно на сметка на вработените да се уплатат платите како дел од поддршката за стопанството.

Според претседателот на СКСЗМ, Неби Хоџа, токму малите и средните претпријатија ќе бидат во фокусот на петтиот економски пакет, но истакна дека досега поради здравствено-економската криза над четири илјади правни субјекти се затворени.

Фактот што повеќе од 4.000 компании се затворија доволно зборува за неопходноста од пари за одржување на ликвидноста, посочи Хоџа.

Тој дополни дека како комора ќе бараат од Владата да најде начин да даде помош за плата за јануари, затоа што овој зимски месец вообичаено е тежок за компаниите.

За да се врати економијата во нормалната траекторија, сметаме дека Владата во претстојниот период треба да се фокусира на почнување на процесот на вакцинација против ковид-19, за отворањето на економијата да се случи што е можно побрзо и да бидеме во чекор со земјите од регионот и пошироко. Реализирање на капиталните расходи во стапка од минимум 85 отсто на начин што ќе ја стимулира економската активност, вклучувајќи ги поврзаните дејности. Основање посебен фонд за компаниите од најпогодените сектори, како производствената индустрија, градежништвото, трговијата на големо. Намалување на царинските стапки како мерка за општа поддршка на економијата и отстранување на нетарифните бариери што ја попречуваат трговската размена на стоки и услуги со соседните земји, смета тој. 

Од СКСЗМ за надминување на кризата предлагаат продолжување на мерката субвенции на платите во износ од 14.500 денари најмалку до март 2021, како најсоодветна за зачувување на работните места, како и зголемување на фондот на Развојната банка на РСМ за кредити со ниски каматни стапки, финансиски средства за компаниите што инвестираат во дигитализација и зголемување на технолошките капацитети, укинување на данокот на добивка до 2022 година за најпогодените компании од пандемијата и поништување на одлуките за укинување и мораториум на деталните урбанистички планови во општините, со кои се спречуваат градежните инвестициски проекти. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...