Македонија

Арсовска: Карго доставите најголем извор на затајување на данок

31 дек 2020

Претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска во изјава ги наведе проблемите со кои се соочува македонската економија во претходниот период како и предизвиците во идната година.

Според неа, годината која изминува беше исполнета со многу предизвици и неизвесност во многу области на живеењето, но кризата со која се соочивме на економските план е една од најголемите во поновата историја. Какви ќе бидат економските показатели за движењето на македонската економија во наредната година ќе зависи од тоа дали ќе се остварат очекувањата за надминување на кризата во првиот квартал од новата година.

 Македонската економија во три квартали годинава бележи пад од 5,9 отсто предизвикан од пандемијата, која доведе до значително забавување и прелевање на ефектите од здравствено економската криза во 2021 година.  Нашата мала и кревка економија во голема мера е зависна од трговијата и инвестициите од ЕУ, кои исто така се погодени од пандемијата. Стапките на невработеност повторно се зголемени и состојбите на пазарот на трудот се влошуваат. Бројни се предизвиците кои ќе треба да се надминат во следната година, особено во економијата и доколку итно не се делува за нивно решавање, нема да може да се постигнат очекуваните резултати, изјави Арсовска.

Таа одвојува неколку предизвици за 2021 година:

  1. Владеење на правото, законите да важат подеднакво за сите и да се применуваат неселективно, во спротивно инвестициите ќе бидат минимални. Потребно е да се престане со брзите и чести промени на законите;
  2. Потребно е итно и сериозно сузбивање на сивата економија која е во експанзија и во моментов има удел од скоро 40 отсто од вкупниот економски сектор. Компаниите, покрај конкуренцијата од сивата економија се соочени со инспекции и преобемна и сложена регулатива.
  3. Системска контрола и регулација на е-трговијата затоа што во спротивно се уништуваат стихијно над 10 илјади македонски претпријатија кои работат во секторот трговија. Во моменти кога ЕУ земјите го штитат својот домашен пазар и имаат нулта толеранција за избегнување на царина и данок, во Македонија прагот за меѓународна е-трговија расте, што директно ги оштетува малите увозни претпријатија. Во внатрешниот промет карго доставите на нарачки од е-трговија работат без евидентирање и претставуваат најголем извор на затајување на данок на национално ниво. Нема стабилна економија, доколку условите на пазарот не се еднакви за сите.

          Во новата година институциите треба да воспостават добро корпоративно управување кое во услови на криза, бара знаење и компетентност.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...