Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) смета дека треба да се донесе нов закон за безбедност и здравје при работа (БЗР).
Според здружението, колку повеќе работници се со повреди или професионални заболувања во работниот процес, толку повеќе ќе има и отсуства од работа, зголемени трошоци и намалена продуктивност. Тоа негативно се одразува врз работниците, но и врз работодавците и економскиot систем на државата.
Од МЗЗПР велат дека новиот закон треба да биде јасен и недвосмислен во практичната примена и да ги има предвид мислењата на сите заинтересирани страни.
Ги ставаме на располагање сите капацитети, знаења и искуства. Сугерираме процесот на приспособување на промените во законот, законодавството и неговото усогласување со ЕУ да почне што побрзо, особено ако се имаат предвид новите ризици на работните места што произлегуваат од пандемијата, истакнуваат од МЗЗПР.
Милан Петковски, претседател на МЗЗПР, посочува дека од економски аспект, секој работодавец или инвеститор интересот го гледа во профитот. Но, дури и за остварување на таа цел, единствено заштитен работник може да биде продуктивен, односно само здрав и мотивиран работник може да произведе квалитетен производ или да даде квалитетна услуга.
За здрав и мотивиран работник неопходно е работодавецот да преземе превентивни мерки и активности за безбедност и здравје при работа. Мотивиран работник произведува квантитет и дава квалитетни услуги. За да има мотивиран работник, работодавецот треба соодветно да го награди со плата и други надоместоци што му следуваат, вклучувајќи го тука и процесот на подобрување на безбедноста и здравјето при работа. Истовремено, потребна е и директна финансиска помош од државата за стимулација на превентивниот аспект на БЗР на ниво на компании, вели Петковски.
МЗЗПР, во соработка со Асоцијација за правно-економски истражувања и едукација „Јуридика“, неодамна ја издаде публикацијата „Безбедност и здравје при работа – мониторинг на состојба“.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.