Маалска продавница

Претставуваме: „Браќа комерц“

19 дек 2016
Продолжение на старата трговска традиција
 
Месецов, домаќини на InStore беа браќата Јовчески, во чијашто сопственост е продавницата „Браќа комерц", на улицата „Браќа Гиноски", број 103, во Гостивар.
 
Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk
 
Ѓоко и Раде Јовчески се браќа и ортаци, кои заедно го почнале семејниот бизнис и заедно работат повеќе од четвртина век, опстојувајќи и победувајќи ги предизвиците на трговијата со „братски сили".
 
Разговорот го водевме со Ѓоко, кој со носталгија се присети и ни раскажа за почетоците: „Браќа комерц" е отворена во декември 1989 година. Брат ми претходно имаше друга работа, а јас имав завршено виша сообраќајна во Битола. Претходно немав работено ништо, немав ни пет минути стаж во државна служба. Имавме деловен простор, во наша сопственост, па затоа решивме да отвориме продавница. Кога почнавме, имав само 24 години.
 
Тој ни откри дека семејство Јовчески има стара трговска традиција во Гостивар, односно дека нивниот татко речиси 30 години работел во продавница во Горни Полог: Практично, со нашите години, имаме традиција подолга од 50 години. Уште во тоа време, татко ни работеше со сите, без разлика на етничката припадност и сите го познаваа како добар човек. Благодарение на стекната доверба во него, како добар трговец, тоа се пренесе и на нас. Неговите пријатели донесоа нови пријатели...
 
Продавницата „Браќа комерц" почнала да работи на 30 квадратни метри, со стар инвентар. Во тоа време, немало приватни продавници, освен таа на „Монтенегро": Почнавме скромно, но по „Монтенегро", ние сме втори што отворивме приватен дуќан, другите сите беа државни, се присетува Ѓоко.
 
Денес, продавницата располага со продажен простор од околу 65 квадратни метри и со асортиман од околу 1.000 артикли, кој се менува, најмногу според потребите на пазарот. Понудата ја сочинуваат прехранбени производи, алкохолни и безалкохолни пијалаци, средства за домаќинството, цигари, весници... Ѓоко вели дека порано имале и овошје и зеленчук, но не повеќе.
 
На прашањето како го избираат асортиманот и се информираат за новитетите, тој ни одговори: Денес, премногу стока е влезена на македонскиот пазар. Ги следиме рекламите на телевизија и на интернет, го читаме InStore, но пред сè, се приспособуваме на тоа што го бараат потрошувачите, односно на пазарот. Се снабдуваме од магацините, производителите и од дистрибутерите. Соработуваме со повеќе поголеми компании од земјава.
 
За услугата во „Браќа комерц" се грижат петмина вработени, односно браќата Јовчески со сопругите и со уште еден вработен.
 
На еден километар од продавницата, работи маркетот „Киппер". Тоа беше повод да го прашаме Ѓоко како се борат со конкуренцијата со оглед на нејзината ценовна предност. Тој веднаш одговори дека не се од вчера на пазарот и објасни: Нашата предност е што работиме долги години, нè знаат муштериите, кои се со различно етничко потекло – Македонци, Албанци, Турци... Знаат дека чесно работиме. „Киппер" има една политика на работа, ние имаме друга. Тој пласира негов асортиман, а ние одиме контра – го држиме тоа што тој го нема, и обратно.
 
Како друга, значајна предност, Ѓоко ја истакна и местоположбата на продавницата, која е на прометна улица: Ова место е многу фреквентно, па затоа и поголем дел од нашите муштерии се минувачи. Има неколку куќи од соседството што пазаруваат кај нас, а другите, сите се на поминување. Сега малку е изменето, но порано, кога, на пример, ќе влезете од населбата Мелеарди наваму, немаше друга продавница – сите доаѓаа кај нас.
 
Долгогодишното трговско искуство покажало дека односот кон муштериите секогаш треба да е љубезен. Според Ѓоко, зборовите добар ден, повелете, како можам да ви помогнам, благодарам и пријатно – се дел од речникот на секој добар и услужлив трговец, зборови што купувачите сакаат постојано да ги слушнат.
 
Јовчески немаат во план да го прошируваат семејниот бизнис и да отворат нов објект. Скромен сум во животот и засега сум задоволен со тоа што го имам. Тешки се времињата, не се исплаќа да инвестираш во нешто ново, поголемо, вели Ѓоко, но додава дека постојано реновираат по нешто во дуќанот. Така, пред два месеци биле поставени нови ЛЕД-светилки, а пред неколку години нови полици, приспособени кон различните производи од асортиманот.
 
На крајот од разговорот, позборувавме и за иднината на малите продавници. Според Ѓоко, малите продавници имаат поголема предност и перспектива во помалите градови, но важно е да бидат на фреквентни места.
 

Мора да имаме надеж. Денес, и големите трговци се борат. Малите дуќани имаат мали трошоци, а големите – големи. Мислам дека најдобро е тие што имаат малку пари, да работат со нив и да не се плашат, ќе дојдат подобри времиња. Колку што можеме ќе се бориме, вели тој.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...