Малопродажба

Александар Антиќ: Од пластеници и од поле директно на полиците

22 Jun 2015
 
Доколку дојде до многу брз пораст на цените, најдобро е да се намали набавката за да не ви се случи преку ноќ да останете со големи резерви од прескапа стока. Од друга страна, доколку дојде до брзо опаѓање на цената, внимавајте на квалитетот на стоката при набавка, бидејќи во понуда ќе се најде одредено количество кое по бербата стоело долго време.
 

Автор: Александар Антиќ, anticaca@gmail.com

Во јуни се зголемува количеството свежо овошје и зеленчук од домашно производство. Во овој период се стабилизира понудата на краставици, домати, пиперки, тиквички итн. додека во втората половина од месецот може да се очекуваат и првите праски. На почетокот најчесто се работи за производи од пластеник, додека кон крајот на месецот се очекуваат првите количества од отворено поле. Плодовите произведени во пластеник се поквалитетни, поубаво изгледаат, подолго траат и општо се во подобра состојба од оние произведени на отворено поле. Кога е во прашање цената, главно доаѓа до нивна стабилизација со опаѓачки тренд за повеќето производи. Но, не треба да ве изненади ни повремената промена на цените поради поголемите промени во понудата на домашниот пазар. Краткотрајните промени на цените не се реткост, се случуваат главно поради неповолните временски услови или зголемен увоз или извоз. Доколку дојде до брз пораст на цените, најдобро е да се намали набавката за да не ви се случи, преку ноќ, да останете со големи резерви на прескапа стока. Од друга страна, доколку дојде до брзо опаѓање на цените, внимавајте на квалитетот на стоката при набавка, бидејќи во понуда ќе се најде количество што по бербата стоело долго време.

Домати од домашните пластеници, во поголемо количество може да се очекува во текот на јуни, додека плодовите од отворено поле во текот на јули и август. Доматот од пластеник има подолг живот на полица од оној од отворено поле. Денешните сорти на домати се така селектирани да можат да го поднесат транспортот и ракувањето, но честопати последица на тоа е послаб вкус од некогашните сорти. Доколку сте сопственик на мала продавница и немате потреба од големи количества на стока, можете да најдете производители што ги одгледуваат постарите сорти што имаат подобар вкус, а кои повторно стануваат популарни. Имајте предвид дека плодовите од овие сорти побрзо се расипуваат, така што водете смета за резервите. Квалитетниот домат треба да биде цврст, еднолично обоен со карактеристична црвена боја, без симптоми на болести, штетници и механички оштетувања. Внатрешноста на плодот не смее да биде со празнини, а на пресек плодот треба да биде еднакво созреан и без цврсти бели жили и без празнини.

Краставици од домашно производство се јавуваат кон крајот на мај, но поголемо количество се јавува дури во јуни. Кога купувате краставици изберете цврсти плодови со карактеристична зелена боја, со кора која мора да биде мазна и без видливи механички или други видови оштетувања (гниење, влага или сл.). Зрелата краставица на пресекот има цврсто, сочно и крцкаво месо без празнини. Краставиците кои предолго стоеле или се чувани во несоодветни услови имаат плодови како гума и се флексибилни, а доколку дехидрацијата е во напредна фаза тогаш на епидермисот ќе може да забележите знаци на збрчканост. Избегнувајте ги крупните плодови, бидејќи честопати  тие се презреани и месото нема да им биде толку сочно и крцкаво. Не ги купувајте плодовите чии краеви им се омекнати, иако на нив не се забележуваат други оштетувања или недостатоци.

Тиквичките од година во година стануваат сè попопуларни на нашите трпези. Кај нас се застапени т.н. бели тиквички. Освен нив во продажба можат да се најдат и зелени тиквички со темнозелена боја, со поголема цврстина на плодовите, со подолг живот на полица и со помали димензии. На пазарот можат да се најдат и т.н. тркалезни тиквички. При набавката избегнувајте преголеми или премали плодови кои на себе имаат механички оштетувања. Преголемите плодови може да бидат презрели, понекогаш со празнини во средината, при што месото е сунѓересто и жилаво. Презрелите плодови се забележливо помеки, што особено се забележува кај дршката. Истовремено, премалите плодови може да укажуваат на недоволно созреани плодови. Тиквичките имаат многу нежен плод и при мал притисок може да дојде до механички оштетувања на кората. На местото на ударот, под епидермисот доаѓа до формирање на сунѓересто ткиво со кафена боја и со горчлив вкус. Исто така, внимавајте дали на епидермисот има други оштетувања што може да укажат на присуство на болести, на пример, жолтите дамки кои се помеки од остатокот на ткивото. Дршката на тиквичката на пресек треба да изгледа свежо и да не е овената. На пресек, месото на плодот треба да има карактеристична бледозеленкава боја и да биде сочно и цврсто.

 

Пиперките од домашно производство под пластеник на пазарот се јавуваат кон крајот на мај или на почетокот од јуни. Пиперките од пластеник се карактеризираат со подобар квалитет, визуелно изгледаат многу подобро и се месести плодови со јасно зелена боја. Во споредба со нив, пиперките од отворено поле најчесто се поситни, помалку месести, со побледа боја, а честопати се и со неправилна форма. Освен во поглед на квалитетот, плодовите од отворено поле се разликуваат и по тоа што се подложни на повеќе болести. Кај производството на отворено поле можна е и појава на оштетувања во вид на дамки од сонце, а на повисоки температури доаѓа до забрзано дозревање на плодот и појава на црвенила. Во двата случаја, плодовите не ги задоволуваат параметрите на првата класа и најчесто се продаваат како индустриски пиперки. Сепак, треба да се каже дека плодовите со црвени ленти не се нужно неквалитетни, но повеќето трговци ги избегнуваат бидејќи дополнителната боја се смета за недостаток. Поради тоа, овие пиперки можете да ги добиете по пониски цени, но внимавајте на останатите параметри за квалитет. Цената на пиперката од отворено поле обично е пониска во однос на онаа произведена под пластеник за околу 10 до 20 проценти, а понекогаш и повеќе.

Праски и нектарини – првите сорти на праски кај нас најчесто почнуваат да се берат кон половината јуни. Раните сорти имаат поситни плодови и кај нив месото не се одвојува од семката, додека подоцнежните сорти се поголеми и месото лесно се одвојува. Праските главно се одвојуваат според калибражата и евентуално според степенот на обоеност за плодовите во гајбите да бидат визуелно изедначени. Плодовите се берат кога тие имаат 70% од нивната зрелост за да можат да ги поднесат ракувањето, транспортот и за да го задржат квалитетот во продавницата. Во овој степен на зрелост месото има карактеристичен вкус, но е цврсто, помалку сочно и сè уште целосно ги нема развиено вкусот и аромата. При купувањето внимавајте плодовите да се цврсти без меки делови. Кај нектарините во продажбата се одвојуваат оние сорти со бело и жолто месо. Една од најпознатите сорти со бело месо е калдези. До пред неколку години оваа сорта беше хит на домашниот пазар и постигна значително подобра цена во споредба со другите сорти нектарини, но разликата во цената се намали од година во година. Праските и нектарините се чувствителни на зголемена влага во периодот на дозревање, така што треба да се внимава кога има големи дождови во време на берба. Во текот на големите дождови може да дојде до пукање на семката и на плодовите кај дршката. Ваквите плодови се чувствителни на расипување поради развојот на мувла внатре во семката. Плодовите со вакви оштетувања не можат да се продаваат како прва класа.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...