Малопродажба

Билјана Костов-Жежовска: Промоција на рафт

15 Oct 2014
 
Како да се убеди потрошувачот да го стави производот во својата кошница кога се наоѓа токму пред рафтот на местото на продажба?
 
Пишува: М-р Билјана Костов Жежовска, извршен директор на „Маркето Солутионс"

За рафтот зборував многупати бидејќи се издвојува како важен медиум од причина што претставува иницијална точка на контакт меѓу производот и потрошувачот. Кога потрошувачот се наоѓа пред рафтот во супермаркетот има две опции да го проба новиот производ, односно да се убеди да посегне по новиот производ што е изложен на рафтот или повторно да го купи производот што веќе го искусил.

Како да се убеди потрошувачот да го стави производот во својата кошница кога се наоѓа токму пред рафтот на местото на продажба? За да одговориме на ова прашање предлагам да разгледаме неколку додатоци и механизми што се користат во супермаркетите.

Да почнеме со стоперите за на рафт, што сè повеќе се користат во денешно време за означување на одреден производ на рафт. Едноставно, при пазарењето сме сведоци дека многу често наидуваме на означувач, стопер, што ни го привлекува вниманието да застанеме. Стоперите претставуваат пластични додатоци на кои има адекватен клип или магнет со што се прикачува на рафтот. Обично, тие се универзални и посоодветни за повеќекратна употреба. Она што треба да се направи е да се смисли атрактивен и јасен принт што ќе ја содржи пораката што потрошувачот треба да ја види. Ефектот се постигнува кога принтот е јасно испишан, има впечатлива боја и доволна големина.

Во оваа група на додатоци се вклучуваат и инфо-банерите, што исто така претставуваат флексибилни механизми за држење на одредена информација, односно принт. Инфо-банерите обично се во поголема форма каде што впечатокот е поголем.

Друга група на додатоци што се користи за означување производ што се наоѓа на рафтот се познатите пластични рамки, што доаѓаат во различни големини од формат А1 до А7. Достапни во различни бои и дезени што се користат за да бидат карактеристични за еден супермаркет или бренд. Бидејќи рамките се поголеми во димензија обично се прикачуваат на одредени механизми што претходно сме ги поставиле во продажното место или, пак, за рамките се користат самостоечки држачи од типот на телескопски рачки. Исто така, за овие рамки постојат и специјални штипки со кои рамката се прикачува на рафтот.

Да не ги исклучиме и познатите воблери, што многу често ги гледаме по супермаркетите. Тие се дизајнираат по желба на производителот и ги содржат битните информации што треба да ги прими потрошувачот.

Механизмите за одвојување производи од рафтот, од типот на ленти или држачи на кои се прикачуваат производи, со цел да се издвојат од рафтот влијаат врз одлуката на потрошувачот. Најчесто, тие се користат за издвојување на нов производ, за означување на одредена акција или, пак, за врзување на компатибилен производ.

Примерот на многу супермаркети во Велика Британија, како што се „Теско", „Асда" и „Сеинсберис", сè почесто ја користат дигиталната технологија од типот на мали ТВ-монитори што ги позиционираат на рафтот за видео- и аудио-комуникација.

За крај, како и секогаш ќе го издвојам супермаркетот како место што е повеќе од дистрибутивна точка, со други зборови, тој е најважен медиум каде што потрошувачот доаѓа во допир и во комуникација со производот. Затоа, супермаркетите, како и нивните доставувачи, треба да се стремат кон воведување на колку што е можно поголем број механизми со цел да ја зголемат својата профитабилност.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...