Како да се одржи безбедноста на храната во продавниците, во време кога наоколу „шета“ вирус од кој се засегнати потрошувачите, но и производството, трговијата, дистрибуцијата... што се презема и што допрва треба да се преземе, кои се неправилностите констатирано во овој период и како по нив се постапува? Дали може да сме сигурни дека купуваме безбедна храна, ги праша InStore надлежните во Агенцијата за храна и ветеринарство. Нивните одговори ви ги пренесуваме во целост:
Како да се одржи безбедноста на храната кај сите чинители: производство, дистрибуција и малопродажба, во време на корона вирусот?
Како одговорна институција за безбедноста на храната и здравствената заштита на животните, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во услови на прогласена пандемија со вирусот КОВИД 19, ги засили активностите кои непосредно се однесуваат на заштитата на човековото здравје во вонредна состојба. Вирусот ја наметна потребата за реорганизирање на сопствените капацитети и максимално прилагодување кон новонастанатата ситуација. Единствена цел во вакви услови, уште од средината на март кога АХВ покрај редовните почна и со спроведување на вонредни, засилени контроли на операторите со храна, беше и останува, создавање на услови за обезбедување на непречен проток на стоки и услуги, без да се доведува во прашање безбедноста на храната за граѓаните, водејќи сметка за максимално почитување на препораките на релевантните светски здравствени институции и организации, Комисијата за заразни болести и мерките на Владата на Република Северна Македонија за спречување на ширење на корона вирусот.
Засилените контроли на безбедноста на храната се само една од алките во синџирот за безбедност на храната. Новонастанатата ситуација, наложи реорганизирање и на работата на бизнис операторите, со кои Агенцијата за храна и ветеринарство е во континуирана соработка и координација. Тие, согласно препораките и на Светската здравствена организација (СЗО) и националните здравствени власти мораа да ги подигнат на повисоко ниво постоечките безбедносни мерки во производството, дистрибуцијата и трговијата со храна, но и да воведат нови, заради заштита на здравјето и на вработените и на потрошувачите.
За непречено функционирање на системот на безбедност на храната, прилагодувања кон новонастанатата ситуација што ја диктира КОВИД – 19 во светски рамки, мораа да направат и самите потрошувачи, во поглед на промена на организирање и на начинот на пазарење, подготовката на храната пред се во домашни услови.
Дали е потребно да се воведат дополнителни мерки за безбедност и заштита на производите во споменатите сегменти? Кои се вашите препораки?
Почитувањето на препораките на СЗО, на националните здравствени власти, Комисија за заразни болести и мерките кои ги носи Владата на Република Северна Македонија, во услови на пандемија со КОВИД – 19 се основите за соодветно функционирање и на системот за безбедност на храна, секако, покрај почитувањето на основните и посебните услови за безбедност кои треба да ги имаат имплементирано сите бизнис оператори.
Подигнување на свесноста на операторите со храна за опасностите од вирусот на високо ниво, воведување на мерки непосредно во работната средина за заштита на здравјето на вработените и за производство, транспорт и продажба на безбедна храната, се сет на дополнителни мерки кои ги воведоа операторите со прогласувањето на пандемијата со вирусот КОВИД – 19. Со најголеми предизвици се соочи секторот за малопродажба на храна за кој како сериозен предизвик и во наредниот период останува потребата да се одржат највисоките стандарди на хигиена, заштита на персоналот од ризици за инфекција, одржување на физичка / социјална дистанца меѓу потрошувачите, нивна и дезинфекција на опремата која се користи од нивна страна како што
се корпите и количките за пазарење. Дополнителните мерки за заштита вклучуваат и поставување на известувања за потрошувачите дека не треба да влегуваат во продавницата доколку не се чувствуваат добро или имаат симптоми на КОВИД-19, менаџирање и контрола на редицата пред продавниците, воведување на бариери од плексиглас на местата за наплата заради дополнителна заштита на персоналот и други мерки.
За индустријата за храна е неопходно да се зајакнат и мерките за лична хигиена, да се освежат знаењата за принципите за хигиена на храната со цел да се елиминира или намали ризикот површините на материјалите за пакување на храна да бидат загадени со вирусот од страна на операторите со храна. Носење на лична заштитна опрема, како што се маски и ракавици, се ефикасни во намалувањето на ширењето на вируси и заболувања во прехранбената индустрија, но само доколку се користат правилно.
Покрај тоа, за индустријата за храна се препорачува да воведе физичко дистанцирање, строга хигиена и санитарни мерки, промовирање на често и ефективно миење раце во секоја фаза на преработка, производство и рекламирање на храна. Овие мерки ќе го заштитат персоналот од ширење КОВИД-19 кај операторите со храна, ќе овозможат одржување на здрава работна сила и откривање и исклучување на заразените лица кои ракуваат со храна и нивните непосредни контакти на работното место.
Какви се европските правила за безбедност на храната во време на пандемијата? Колку од нив реално се применуваат кај нас?
КОВИД-19 не е само европска, туку, светска реалност. Во поглед на прописите за безбедност на храната, Агенцијата за храна и ветеринарство комплетно е усогласена со европските. Континуирано се следат новините и се вршат соодветни измени во националното законодавство. Посебни правила за постапување во услови на пандемија нема, освен следењето на препораките и почитување на воведените мерки од страна на релевантните светски и европски институции и организации, Владата и надлежните национални институции.
Конкретно за малопродажбата безбедноста на производите зависи и од продавачите, но и од купувачите. Дали досега имате пријави или претставки за небезбедно чување на производите?
Во услови на пандемија со корона вирусот и за потрошувачите во нашата држава важат посебни препораки за набавка на храна кои Агенцијата за храна и ветеринарство ги упати до нив и преку медиумите. Да се пазари во најблиските продавници, бидејќи така се скратува времето на движење надвор од домот во услови на изолација. Задржување што е можно пократко време во продавницата, правење список на потребно намирници пред пазарењето, носење заштитна маска и ракавици, продуктите непотребно да не се допираат, да се врши избор на прехранбени производи кои вообичаено се купуваат од страна на потрошувачите за да не мораат детално и целосно да ги читаат иформациите од етикетите.
Ова се дел од препораките за безбедно пазарење храна во услови на пандемија, но, за граѓаните остануваат и насоките за задолжителен визуелен преглед на амбалажата или производот, односно проверка дали таа е оштетена. Проверка треба да се направи и на органолептичките својства на производот, датумот на производство, односно рокот на траење. Потрошувачите треба да внимаваат и по завршување на пазарењето и излегувањето од продавница, да ги дезинфицираат рацете, а употребените ракавици при пазарењето соодветно да се фрлат во канта за отпадоци.
Во Агенцијата за храна и ветеринарство, од почетокот на годината до крајот на април, поднесени се вкупно 142 претставки. Најголемиот дел од претставките поднесени од март, кога инспекциските служби на АХВ ги засилија контролите поради пандемијата, се однесуваат на актуелната состојба со корона вирусот и според потрошувачите, на непочитување на некои од мерките.
Во претставките потрошувачите се жалат дека во некои продавници вработените не носат заштитни маски и ракавици, не го ограничуваат влезот на потрошувачи во продавниците, потрошувачите не ги запазуваат новите мерки на превентива и заштита од новонастанатата ситуација, не ги дезинфицираат рацете на влез и излез. Граѓаните во претставките алармираат и за продажба на производи со поминат рок на употреба, со органолептички променети својства на производите, непочитување на добри хигиенски пракси (ДХП), несоодветна и нехигиенска дистрибуција на леб.
Сите претставки се доставени за постапување до инспекциските служби на Агенцијата. 36 претставки се во фаза на постапување, а по 106 претставки веќе е постапено, при што се донесени 17 решенија, изречени се 8 мерки за спроведување на постапка за едукација и изречени се две мерки за наплата на глоба.
57 од поднесените претставки се од областа на ветеринарството кои во најголем број се однесуваат на неодговорно сопствеништво и каснување од куче.
Што би им препорачале на трговците?
И во услови на прогласена пандемија, како институција, Агенцијата за храна и ветеринарство останува посветена на реализирање на активностите за заштита на здравјето на граѓаните од вирусот КОВИД – 19, но и за креирање на соодветни услови за работа на бизнис секторот со храна во вонредни услови. Да се почитуваат препораките за заштита од пандемијата која ги носат релевантните институции и здравствените власти и во функција на заштита на вработените и потрошувачите да се стават и одржуваат сите мерки за заштита кои ги пропиша и Светската здравствена организација во вид на упатство за сите вклучени во синџирот на безбедна храна. Агенцијата за храна и ветеринарство упатството го преведе и за сите заинтересирани го објави на интернет страната.
Како едни од најзасегнатите чинители и до трговците го упатуваме апелот на дневна основа да ја следат состојбата и да се преземаат сите мерки за заштита кои ги носат надлежните државни институции, со единствена цел заштита на животот и здравјето на граѓаните и обезбедување на безбедна храна за сите.
Агенцијата за храна и ветеринарство останува отворена за соработка со граѓаните и бизнис заедницата. На бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22 и на електронската адреса на Агенцијата за храна и ветеринарство info@fva.gov.mk, во секое време може да се пријават недоследности во поглед на безбедноста на храната и почитувањето на препораките и мерките за заштита од корона вирусот.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.