7 декември 2016 година. Одиме во печат со последниот InStore за оваа година, за кој ветив дека ќе напишам воведничар и, еве ме, во последен момент барам инспирација. Треба да се осврнам на годината што помина и на сите да ви посакам подобра 2017 година.
Па, тоа и не е така тешко. 2016 беше напорна година, долга, бурна и шарена. Нè умори сите, без разлика дали учествувавме во случувањата или гледавме од страна. Деновиве, со последни сили ги следиме предизборните кампањи, сите веќе збунети од пораките на политичките партии.
Кога ќе го читате овој текст, изборите ќе бидат поминати, резултатите ќе ги знаете и тоа што ви го посакувам е да бидат најдобриот избор за бизнис-заедницата во Македонија. Најмногу за домашните компании, кои храбро и упорно се борат на пазарот со светските гиганти, кои, пак, се борат со паралелниот увоз, кој, пак, се бори како знае и умее.
Оваа година, редакцијата на InStore организираше вкупно 10 интерактивни конференции Talk IN Business, на кои сите увидовме дека се соочуваме со истите проблеми и предизвици и разговаравме како да ги пребродиме. Она што беше најважно на овие конференции беше тоа што бевме заедно, што конкуренцијата седна заедно на маса, што доставувачите и маркетите заедно дискутираа. А најдобро од сѐ smiley е што InStore беше иницијатор и модератор на настаните, со што уште еднаш покажавме дека неговата улога е многу повеќе од информативна.
Talk IN Business конференциите ќе продолжат и следната година, како и третиот по ред FMCG-самит, кој го планираме за мај. Ќе се потрудиме да ви донесеме интересни содржини, а ваше ќе биде да ги проследите и од нив да извлечете максимум.
Тоа во што верувам е дека заедно треба да одиме напред, целата бранша. Успесите можеме да ги постигнеме само доколку постојано го унапредуваме своето работење. Но, не само декларативно, туку секогаш и во секој поглед.
Тоа нека ни биде инспирација и за 2017 година и за сите следни години. Среќни празници!
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.