Актуелно

Кој ќе биде на удар од новите даноци?

10 Aug 2022

На остри реакции во бизнис - заедницата наиде најавата Владата за даночни реформи кои треба да стартуваат од 1 јануари, а со кои ќе се прошири листата на основи по кои граѓаните и фирмите ќе го полнат Буџетот. Забелешките се дека во време на енергетска и економска криза не е вистински момент за вакви реформи, однодно дека реформите во време на глобална криза ќе ги оптоварат фирмите кои уште не се заздравени од последиците од пандемијата. 

Владата убедува дека тоа нема да се одрази на стандардот на граѓаните и на работењето на фирмите и ќе се воведе правичност во даночниот систем во државата.Она што е јасно е дека ќе се предложи оданочување орочените депозити а се планира и оданочување на хонорарите и договорите за вработување на определено време кои би имале ист третман како платата и би се товареле и со социјални придонеси, нешто што наиде на остри критики во јавноста кога беше најавено па повлечено. Со новите измени се предвидува во делот за реинвестиции на добивката данокот да се укине само кога станува збор за реинвестиција во секторите зелена транзиција, дигитализација или енергетска ефикасност. 

Повеќе од 54 милиони евра годишно се очекува да се слеат во државната каса од новите даноци. Министерот за финансии, Фатмир Бесими, најави голема фискална реформа, или СМАРТ систем на јавни финансии, кој треба да игра значајна улога во заздравувањето на економијата од кризата и да продуцира повисоки и одржливи стапки на економски раст, преку стратегиско, отчетно и транспарентно управување со јавните финансии. На расходната страна ќе се воведат механизми за стратегиско планирање, буџетирање врз основа на претходно остварени резултати, засилена контрола и транспарентност. На приходната страна во СМАРТ финансиите потребна е подобрена наплата, поголем опфат на даночното зафаќање, за да има фискален простор за политики за поттикнување на повисок економски раст на среден рок. Обезбедувањето на приходи од сигурни извори значи стабилност и избегнување на процикличната фискална политика и на зголемувањето на јавниот долг. Оттаму, подобрувањето на стабилноста, ефикасноста и квалитетот на целокупниот систем на приходи во земјата ќе обезбеди одржливо и добро управување со јавните финансии, вели Бесими. 

Концептот на СМАРТ финансиите е сите да го плаќаат својот „фер дел“ (праведен дел), како „најисправен начин за да обезбедиме средства за забрзување на економскиот раст, но и за тековни потреби, како на пример антикризните пакети, без притоа да го зголемуваме јавниот долг“. Суштина на даночната реформа која се предлага е праведно оданочување, проширување на даночната база и „зелено“ оданочување.  Зеленото оданочување се однесува на стимулирање на даночните обврзници да го намалат своето однесување, со кое придонесуваат за загадување на животната средина. Главната цел е справување со загадувањето и заштита на природните ресурси со цел да се постигне одржлив економски развој.  Според Бесими, концептот, што е во нацрт верзија, е изработен низ транспарентен и инклузивен процес, почнувајќи од февруари 2022 година со вклученост на претставници од бизнис и академската заедница во работните групи, при што се направени сеопфатни и длабински анализи на постојниот даночен систем и најдобрите европски практики. Исто така, при конципирањето на предложените решенија земени се предвид и препораките од меѓународните организации како ММФ, Светска банка, ОЕЦД и ЕУ. 

Околу најавените данoчни реформи се огласи и претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, кој во име на компаниите - членки адресираше до Владата четири прашња пред да се почне со расправата за нацрт концептот на реформите. Прашањата се однесуваат на постапките за задолжување преку еврообврзници и барањњето до ММФ за користење на линија за претпазливост и ликвидност, предлозите и барањата на Стопанската комора и МЕА кои беа испорачани на последната средба а кои се во корелација со новите даноци и конкретните рокови за понуда на поквалитетни услуги пред да се зголемат даноците.

Од Стопанската комора соопштија и дека се изненадени бидејќи сеуште нема разговори околу најголемиот проблем на бизнис заедницата – цената на струјата.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...