Актуелно

„Ревлон“ поднесе барање за стечај

16 Jun 2022

Козметичката компанија „Ревлон“ поднесе барање за заштита од банкрот, во согласност со Поглавјето 11 од Законот за стечај на САД.

Причината за барањето е тоа што компанијата не може да се справи со големиот долг поради дисрупциите во синџирот на снабдување и високата инфлација.

Козметичкиот гигант, во сопственост на милијардерот Рон Перелман, поднесе барање за судска заштита од банкрот во јужниот округ во Њујорк и пријави имот во вкупна вредност од 2,3 милијарди долари до крајот на април, пишува „Блумберг“. Вкупниот пријавен долг на компанијата е 3,7 милијарди американски долари.

Барањето за заштита според Поглавје 11 на „Ревлон“ му овозможува да продолжи со бизнисот додека работи на планот за отплата на долгот кон доверителите. Стечајот го означува крајот на турбулентниот период за компанијата, која претрпе негативно влијание за време на пандемијата и забележа повеќегодишен пад на продажбата.

Компанијата со 90-годишна историја почна да продава лакови за нокти во екот на Големата депресија, а подоцна го прошири портфолиото и со други козметички производи. Брендот стана меѓународен во 1955 година.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...