Актуелно

(Анти)кризни мерки во кризни времиња

07 јун 2022

Ограничените маржи во трговијата и ослободувањето од ДДВ кај храната се антикризните мерки што престанаа да важат од 1 јуни.

Приреди: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Одлуката за одредување највисоки трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени производи во трговијата на големо и на мало стапи во сила на 1 март. Пред донесувањето на одлуката потрошувачите забележаа празни полици и зголемен страв од повисоки цени, а институциите најавија дополнителни контроли и казни. Сепак, ограничувањето на маржите само делумно придонесе за ублажување на последиците од порастот на цените.

Заклучно со 31 мај, маржите во малопродажба беа ограничени кај лебот, шеќерот, солта, брашното тип-400, (суровото) сончогледово масло за јадење, млекото, свежото месо и сувомесните производи. На листата беа и сирењето, урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата, овошјето и зеленчукот.

Од Министерството за економија посочија дека нема простор за продолжување на оваа мерка, со оглед на фактот што на тој начин би можело да има негативно влијание врз работата на компаниите од преработувачката индустрија и од трговската дејност. На нашите прашања до Министерството што ќе значи престанокот на овие антикризни мерки за FMCG-секторот и за македонската економија, какви ќе бидат следните мерки и кои регионални искуства би можеле да се применат на нашиот пазар, добивме одговор: Се прават анализи што ќе ги одредат следните чекори. Владата преку своите органи и институции, согласно надлежностите, ја следи состојбата и навреме се преземаат мерки. За да се ублажи влијанието од новата енергетска и ценовна криза врз стандардот на граѓаните и ликвидноста на стопанството, веќе донесовме пакет-мерки во вредност од над 400 милиони евра.

Од Министерството додаваат дека во ребалансот на буџетот е проектирана дополнителна финансиска поддршка од 4,7 милијарди денари за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите, во услови на продолжена криза на светскиот пазар на енергенти и примарни производи: Обезбедуваме заштита – бафер за да имаме простор за брза реакција со нови мерки за заштита на граѓаните и стопанството.

Од Сојузот на стопански комори (ССК) апелираат итно да се елиминираат комплицираните бирократски процедури за инсталирање обновливи извори на енергија што траат од 60 до 90 дена, да се зголеми домашното производство на основните земјоделски култури и да се активираат државните резерви за полесно пребродување на ценовните шокови.

Според ССК, компаниите се подготвени да инвестираат во обновливи извори, но главна пречка им се сложените административни постапки. Ако сакаме да се заштитиме од ценовни шокови, треба да одиме во еден правец – домашно производство и на енергенти и на прехранбени производи. На тој начин шоковите би биле помали и ситуацијата би се држела под контрола, изјави претседателот на ССК, Трајан Ангелоски.


Д-р Кирил Миноски, меѓународен консултант

Со оглед на тоа што не продолжија мерките за контрола на цените и по 31 мај, FMCG-секторот ќе биде вратен да функционира на начин како пред нивното воведување. Меѓутоа, тоа не значи дека предизвиците и кризата ќе исчезнат. Тоа за компаниите во FMCG-секторот ќе претставува предизвик во продажните стратегии, од една страна да водат сметка за рентабилноста и профитабилноста на компаниите и за нивниот развој, а од друга страна, за реалната платежна моќ на населението. Токму тој микс во продажните стратегии ќе ја определи пазарната позиција на среден рок.

Со елиминација на ограничувања на маржите и на даночното ослободување во постојните услови, нужно ќе имаме зголемување на малопродажните цени кај најголемиот дел од прехранбените производи од неколку причини. Првата е порастот на берзанските цени на дел од основните прехранбени производи, зголемите транспортни трошоци и прекините во глобалните синџири на снабдување. Втората причина ќе биде желбата трговците на големо и мало да ги применуваат трговските маржи што ги користеле пред „замрзнувањето“ за да надоместат дел од изгубената добивка. Трета причина би била евентуалното повторно воведување ДДВ кај производите што досега беа ослободени.

Колкаво ќе биде зголемувањето, ќе зависи од висината на цената на чинење на производот, која е основен инпут во ценовната калкулација. Двоцифрената стапка на инфлација во голем дел од земјите во ЕУ и кај нас засега не дава оптимизам дека нема да имаме идентични стапки на пораст на малопродажните цени.

Според мене, неопходно во овој процес е многу повеќе да се интервенира преку државните стокови резерви, согласно законската рамка која овозможува нивно користење во услови на поголеми нарушувања на пазарот. Во однос на ограничувањето на маржите, лично имам дилема колку е долгорочно одржливо ова решение во услови на пазарна економија и која би била методологијата за утврдување оптимално ниво на маржа што би ги заштитила и интересите на бизнисот и на потрошувачите.


 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...